100 годишнина од завршувањето на Првата светска војна: од Битола испратена силна порака за помирување

По повод 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, чии длабоки последици ги почувствува токму Битола и регионот во тој период, силни пораки на помирување од градот страдалник денес испратија амбасадорите на двете тогашни завојувани страни, Франција и Германија. На Француските и Германските гробишта во Битола, бројни делегации положија цвеќе, меѓу кои и градоначалничката Наташа Петровска, како и претставници на Советот на Општина Битола.

Во духот на взаемното помирување, амбасадорите на Германија и Франција се обратија на јазикот на тогашниот спротивставен, односно Тимоние на германски, а Герберих на француски јазик.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние порача дека денес го славиме мирот, кој е најдрагоценото нешто кое го има Европа, а неговиот германски колега Томас Герберих истакна дека сите заедно мора да се навикнеме да се отвораме кон помирувањето.

„Со задоволство констатираме дека Македонија е во еден процес на помирување со своите соседи и поставува еден камен темелник на новата изградба на Европа, на Европа на мирот. Пред портите на Европа има притисоци, тензии, се случуваат настани кои можат да наштетат затоа нашата порака е сите да се обединиме. Нема мала или поголема земја кога се работи за придонесот што секоја земја треба да го даде за изградба на Европа и да има одговорност во тоа“, порача амбасадорот Тимоние.

„Одговорот е едноставен, помирување, треба да научиме да се отвориме кон помирувањето. Германија и Франција успеаа да го пронајдат патот кон помирувањето. За тоа да се исполни потребна е политика која не изолира и не се засолнува зад национализам и идејата за нови ѕидови“, рече амбасадорот Герберих.

На Француските гробишта беше промовирана плоча од мермер со гулаб на мирот, која деновиве во Битола ја изработуваа ученици средношколци од Кутонс, Франција, кои деновиве се во посета на своите врсници од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Прочитајте повеќе

Задолжителна стерилизација, гробишта за миленици, полиција за животни – новиот предлог закон влезе во Собрание

Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а …