11 Октомври на прагот: Петокрака, срп и чекан, или лав, пиштол и кама?

11 Октомври на прагот: Петокрака, срп и чекан, или лав, пиштол и кама?

Пишува: Зоран Милошески

Откако кукнал родот македонски, во истиот момент започнале македонско-македонските поделби, а синдромот на самоуништување го пуштил првиот ‘ркулец.

Дарбата за делби ја носиме во гените. И додека целиот прогресивен свет се обединува и наоѓа компромис дури и за, наизглед, непремостливи разлики, ние сеуште ја живееме фазата во која двајца Македонци во секое време се спремни да формираат три културно-уметнички друштва.

Независноста на државата и почетокот на плурализмот само го забрзаа одамна започнатиот процес на поделба на македонското ткиво. Но, со профилирањето на двете партии од македонскиот политички блок, процесот истовремено и го канализираа.

Имено, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ги поделија сферите на влијание во општественото живеење: првите поистоветувани со партизаните и антифашистичкото движење, вторите со илинденците; социјалдемократите – „комуњари“ блиски до Србија, вмровците „патриоти“ со пробугарска определба.

И тоа траеше со години…

Тешко е да се каже кога се случи пресвртот. Поточно, кога ДПМНЕ на СДСМ му ги „украде“ партизаните, истовремено задржувајќи ги за себе и комитите и кога успеа да се ослободи од бугарофилството, предавајќи му го во наследство на наследниците на комунистите?

Резултатот од атипичното примопредавање на туѓите адути и сопствените „опашки“, за секој опитен и здраворазумен граѓанин на жална Македонија е непоимлив: социјалдемократите прераснаа во предавници кои им ја продале душата на „Татарите“, а демохристијаните се соживеаја и едно се сторија со титовите партизани!

И ако е прилично јасно дека првото е производ на популистичката и добро платена опозициска пропаганда, која пак е производ на уцените кои бугарската држава ги адресира до македонската Влада, за она второто логично објаснување – нема.

Оти, за ВМРО-ДПМНЕ партизаните отсекогаш биле помалото од двете зла, за нијанса побледите „црни ѓаволи“ од црните фашисти.

Дури и протоколарното одбележување на значајни личности и датуми од антифашистичката револуција, за првенците на ДПМНЕ претставуваше вистински кошмар и им предизвикуваше киселини во стомакот.

Не се бираа зборови и начини да се омаловажат заслугите на партизаните за создавањето на македонската држава, да се манифестира, безмалку, презир и непочит кон жртвите кои Македонија ги дала во Втората светска војна, особено кон боречката оранизација.

Впрочем, пред само 10 години, во спрега со нивните полициско-судски инсталации, груевци пуштија орлови нокти да го иселат Сојузот на борци од нивните простории и да ги остават на улица преживеаните времешни борци и почитувачите и продолжувачи на традицијата на НОБ.

Се чини дека премногу лесно и без „војна“ СДСМ му дозволи на ДПМНЕ да ја „окупира“ територијата која до вчера беше под негова контрола и на која беше свој на своето.

Тоа што наследниците на злосторничкото здружување не се чувствуваат премногу комотно кога држат партиски говори пред партизанските споменици, не им претставува никаков проблем да бидат „поголеми католици од Папата“.

Така ќе биде и за овој 11 Октомври. Ќе ги облечат свечените одела, со навлечени маски ќе положат цвеќе пред партизанските антифашистички симболи и со од немајкаде скоцканите срцепарателни говори ќе ја величат петокраката, ќе ја бранат револуцијата од револуционерите, Македонија од Македонците.

Целта ги оправдува средствата – се’ во функција на партиската пропаганда и собирањето глас плус.

А штом заминат камерите, пак по старо: пиштолот и камата се враќаат на главната сцена.

Честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание!

Прочитајте повеќе

Црна листа, сиви тенденции

Црна листа, сиви тенденции

Случаите на политичари од регионот ставени на црната листа покажуваат дека шоковите траат кратко, дека …