22,5 години затвор за полицаецот кој го уби Џорџ Флојд

Во Минеаполис е изречена казната за поранешниот полицаец Дерек Шовин, кој речиси девет минути со коленото го притискаше вратот на Џорџ Флојд, предизвикувајќи негова смрт.

„Не можам да дишам“ („I can’t breathe”): мачната смрт на Џорџ Флојд на 25 мај 2020 година предизвика меѓународен револт и шокираност. Точно 13 месеци по убиството на Афроамериканецот во Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота, поранешниот полицацец Дерек Шовин ја дозна својата казна – 22 години и шест месеци затвор.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека казната е соодветна, а адвокатот на Џорџ Флојд ја оцени како историска пресуда.

Обвинителството барше 30 години затвор за обвинетиот Шовин, додека неговата одбрана пледираше за условна затворска казна.

Пред објавувањето на висината на казната, браќата на убиениот Џорџ Флојд се обратија со емотивни зборови во судската сала во Минеаполис: „Што мислеше, што ти минуваше низ главата додека клечеше врз вратот на мојот брат?“, го праша Теренс Флојд осуденикот.

Мајката на Дерек Шовин во кусото обраќање го опиша својот син како „мирен, разумен и присебен човек“. Самиот Шовин на членовите на семејството на Флојд им изрази сочувство, надеж дека ќе најдат свој мир.

Во процес кој не само во САД, туку и во светот беше следен со големо внимание, поротата на 20 април го прогласи Дерек Шовин за виновен во сите точки од обвинението: убиство од втор степен. Екс-полицаецот, кој дотогаш се наоаѓаше на слобода со кауција, беше ставен во затвор. Во мај судијата претседавач Питер Кахил досуди четири отежнувачки околности: Шовин дејствувал со посебна свирепост, како полицаец ја злоупотребил позицијата на доверба и авторитет, делото го извршил пред очите на малолетници и во група со други службеници.

Покрај Шовин, обвинети се и тројца други полицајци за учество во смртта на Флојд. Александер Кенг, Томас Лејн и Тоу Тао се обвинети меѓу другото за соучесништво во убиство, а судскиот процес против нив, планиран за август, е одложен за март следната година.

Смртта на Џорџ Флојд, документирана со видео снимка, во САД предизвика масовни протести против расизам и полициско насилство против граѓаните со црна боја на кожата. На видеото се гледа како полицајците со колено го притискаат невооружениот човек на земјата. Шовин притоа со своето колено околу девет минути го стегаше вратот на Флојд, додека тој во повеќе наврати молеше за воздух. 46-годишниот Флојд беше пренесен во болница, каде е констатирана негова смрт. Полицајците го уапсиле под сомнение дека платил кутија цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …