29 години од смртта на џинот од Небрегово, Блаже Конески

29 години од смртта на џинот од Небрегово, Блаже Конески

На денешен ден пред 29 години, во Скопје почина истакнатиот македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, Блаже Конески.

Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово. Основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп, а виша гимназија во Крагуевац. Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, a славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал.

Работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје. Бил и предавач на Филозофскиот факултет, каде што во 1957 година станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик.

Во текот на својот работен век, Конески бил шеф на Катедрата за јужнословенски јазици, декан на Филозофскиот факултет и ректор на Скопскиот универзитет. Во 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата.

Конески бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија и прв претседател на МАНУ. Исто така, бил дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик, а бил и редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик.

За својот книжевен опус добил високи награди и признанија: Годишната награда на ДПМ, наградата на Сојузот на писателите на Југославија за стихозбирката „Везилка“, највисоко сојузно признание во СФРЈ, наградата АВНОЈ, Хердеровата награда за литература, како и наградите „11 Октомври“, наградите „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“ и „Његошева награда“.

Исто така, Конески бил лауреат на наградите „Кирил Пејчиновиќ“, наградата за книжевен опус на книгоиздателството „Мисла“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, наградите „Бранко Миљковиќ“, „Скендер Куленовиќ“, „13 Ноември“, „Вуковата награда”, „Рациновото признание“, како и наградата „Книга на годината“ за стихозбирката „Сеизмограф“.

Блаже Конески беше еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …