На денешен ден 1980 година, во Љубљана почина претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито.

Тито е роден на 7 мај 1892 година во Кумровец, северозападна Хрватска, во регионот Загорје, кој што тогаш бил дел од Австроунгарија. Тој бил седмото дете на Фрањо и Марија Броз, чие моминско презиме било Јавершек.

Во текот на Првата светска војна, Тито бил мобилизиран во австро-унгарската војска и испратен прво во Србија, а потоа на Источниот фронт. Во 1915 година бил заробен од руските војски и однесен да работи во камп на Урал, од каде бил ослободен во текот на Февруарската револуција.

Во Југославија се враќа во септември 1920, кога станува член на наскоро забранетата Комунистичка партија. Во мај 1927 година бил избран за секретар на Обласниот одбор на Сојузот на металците, а во јули истата година и за организациски секретар на Градскиот комитет на КПЈ за Загреб. Во август 1928 година е уапсен и осуден на 5 години затвор. По отслужувањето на казната, во јули 1934 заминува за Виена, каде што станува член на Централниот комитет на КПЈ, а есента во 1940 година е назначен за Генерален секретар на КПЈ.

По окупацијата на Југославија во април 1941, комунистите на чело со Тито го поведуваат движењето на отпорот, а Тито станува главен командант на Народно-ослободителната војска.

Поради доминантната улога во народно-ослободителното движење, по ослободувањето на земјата комунистите ја преземат целата власт. Набрзо, во 1948 година, доаѓа до судир со СССР, при што Тито одбива да се покори на волјата на Сталин.

Во првата фаза од овој судир, КПЈ на чело со Тито се стреми да докаже дека обвинувањата од страна на СССР се неосновани, спроведувајќи ортодоксни мерки, како што била колективизацијата на земјоделието.

Во втората фаза од судирот, доаѓа до отфрлање на сталинизмот и застапување на несталинистичка верзија на ленинизмот, втемелена врз систем на работничко самоуправување во претпријатијата, а подоцна и врз пазарни механизми во функционирањето на економијата, односно таканаречениот „пазарен социјализам“.

На надворешнополитички план, Тито започнува процес на приближување и градење пријателски врски со западните сили, а по смртта на Сталин, доаѓа до „затоплување“ на односите и со Источниот блок. Тито и Југославија ќе се свртат кон новите осамостоени колонии од Азија и Африка и ќе станат втемелувачи на Движењето на неврзаните.

На внатрешен план, Југославија беше една од најотворените и најмалку репресивни комунистички држави. Еден од успесите на југословенската власт на чело со Тито, беше градењето на братството и единството помеѓу југословенските народи и народности.

Како признание на несомнените државнички способности и успеси на Јосип Броз Тито, на неговиот погреб во мај 1980 година, присуствуваа рекорден број на државни делегации, повеќе од 210, меѓу кои 4 кралеви, 31 претседател, 6 принцови, 22 премиери и 47 министри за надворешни работи.