(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка

(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка

Употребата на наркотични средства кај младите во Полошкиот регион и натаму се смета за еден од најзагрижувачките проблеми во земјата, а експертите оценуваат дека институциите потфрлуваат во создавањето на ефикасни превентивни механизми. Социолозите, психолозите, образовните експерти и директорите на училиштата велат дека недостатокот на активности за младите, недоволната соработка меѓу семејството и училиштето, како и недостатокот на стручен кадар во образовните институции, создаваат простор овој проблем сè повеќе да се шири меѓу средношколците, пишува Порталб.мк.

Зошто младите употребуваат дроги?

Започнува како забава без да се биде свесен за ризиците, а потоа преминува во зависност. Вака вели психологот Фатиме Зибери за Порталб.мк .

Таа објаснува дека желбата да се биде кул и во тренд со иновациите и начинот на живот од психолошка перспектива се гледа како тенденција за лажна социјална слика, што кај младите предизвикува една криза на идентитет меѓу тоа кои се и како се претставуваат себеси.

„Обично, студиите и практиката ни кажуваат за влијанието на семејството и општеството. Кога велиме семејството, би рекла повеќе за семејните односи, комуникацијата и стиловите на родителството, како младите ги изразуваат и комуницираат своите потреби и колку успеваат да развијат чувство на припадност во семејството. Игнорирањето од една страна и прекумерната грижа од друга страна се сметаат за фактори што ги охрабруваат младите луѓе да бараат грижа, внимание и свој простор за дејствување на погрешен начин“, вели Зибери.

(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка
Фото:: Фатиме Зибери (Фејсбук профил)

Како влијаат социјалните фактори врз мотивирањето на младите да посегнат кон дрогата?

Кај малолетничката популација склоностите на пријателската или референтната група имаат големо влијание врз однесувањето на младата личност, бидејќи оваа возрасна група има тенденција да бидат слепи имитатори, односно да ги следат хероите кои ги величи модерното племе, социјалната група. Вака вели социологот Али Пајазити за Порталб.мк.

Тој вели дека пријателите вршат притисокот дека мора да се предизвикаат себеси, дека мора да се проба непробаното, дека мора да се скршат бариерите и општествените табуа.

„Неангажираноста, недостатокот на задачи што би ги држеле во кругот и постојаниот активизам е исто така фактор што го прави младиот човек жртва на зависноста од дрогата. Анемијата го окупира младиот човек кој нема активности, од оние домашните, културните па се до спортските. Енергијата што ја има младиот човек некаде ќе се потроши, или во конструктивни активности или во деструктивни… Затоа, важна е ориентацијата што треба да ја обезбеди родителот, училиштето, локалната власт, невладините организации… Ефективниот педагошки триаголник наставник, ученик, родител игра важна улога во подготовката на еден морално и културно здрав млад човек“, вели Пајазити.

(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка
Фото: Али Пајазити, фотографија од личната архива

И психологот Фатиме Зибери вели дека социјалниот аспект исто така игра значајна улога, идентификациските модели што младите ги следат, сомнителните друштва и нејасните морални вредности се сметаат за дополнителни мотивациски фактори.

Сатки Исмаили, поранешен наставник и експерт за образовни прашања во земјата, исто така е истомисленик. Тој вели дека не само во Полог, туку и во РСМ, социјалните фактори значително го продлабочуваат проблемот поради комбинацијата на социјалната транзиција, емиграцијата и силното влијание на социјалните мрежи.

„Нормализирањето на ризичните однесувања, особено преку медиумите и урбаната младинска култура, ја намалува чувствителноста на младите кон последиците и за жал ја претставува употребата на супстанции како нешто „обично“. Недостатокот на соработка помеѓу родителите и училиштето често е поврзан со недостатокот на време, миграцијата на родителите и лошата институционална комуникација, создавајќи празнини во надзорот и навремената реакција. Притисокот од врсниците, во еден контекст каде што младите бараат припадност и идентитет, станува клучен за поттикнување на девијантните однесувања. Како резултат на тоа овие фактори меѓусебно делуваат и создаваат една средина каде што превенцијата станува потешка, а одговорот честопати доаѓа со задоцнување“, вели Исмаили.

Кои се институционалните бариери?

Поранешниот наставник Сатки Исмаили објаснува дека образовниот систем се соочува со сериозен застој во превенцијата на употребата на дрогата поради недостаток на применливи стратегии од Министерството за образование и наука на Северна Македонија и лошата координација со Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи.

„Голем јаз претставува недостатокот на вистински и континуирани превентивни програми во училиштата, базирани на докази и интегрирани во училишните наставни програми. Улогата на психолозите и педагозите е ограничена и често административна, а пак наставниците не се доволно обучени за да идентификуваат случаи во рана фаза. Меѓуинституционалната соработка останува во голема мера реактивна, а не превентивна. Како резултат на тоа системот дејствува кога проблемот веќе ескалирал, наместо да го спречи истиот навреме“, вели Исмаили.

(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка
Фото: Сатки Исмаили, наставник. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Социологот Али Пајазити пак објаснува дека институциите имаат голема одговорност за спречување на феноменот на употреба на дроги од страна на младата популација.

„Преку разни кампањи тие треба да ја подигнат свеста кај граѓаните, особено кај децата и младите, за фаталните последици и неповратниот пат на зависноста од дрогата. Наставниците треба да бидат најискрените советници на учениците; покрај знаењето, тие треба да им дадат и инспирација на децата, да ги научат што се вредности и антивредности. Општинските власти треба да го следат напредокот на процесот во училиштата, да ги поддржуваат иницијативите против девијацијата и да ги афирмираат и наградуваат успешните и вредни млади луѓе“, вели Пајазити.

Дали училиштата потфрлија?

Експертите велат дека училиштата не прават доволно во овој аспект.

Психологот Фатиме Зибери вели дека училиштата сè уште не успеале да ги разберат и анализираат мотивирачките фактори, тоа е затоа што институционалната соработка помеѓу училиштето, семејството и општеството е незадоволителна и тие сè уште не се подготвени да прифатат и да размислуваат со самокритика за улогата и одговорностите што ги имаат.

„Погрешниот пристап кон овој проблем ја отежнува превенцијата и интервенцијата од страна на училиштата. Ова ни кажува за еден недостаток на доверба во институционалниот капацитет за одговор, бидејќи во повеќето случаи гледаме етикетирање и предрасуди, неприфаќање и одбивање отворено да се разговара со младите за овој феномен. Она што е очигледно, мислам, е некомуникацијата или нездравата комуникација, без професионална подготовка и недостаток на образовно-психолошки услуги во училиштата, дури и преку наставни и училишни програми, како и недостатокот на соработка меѓу институциите“, вели Зибери.

И поранешниот наставник Сатки Исмаили го дели мислењето дена недостатокот на стручен кадар во училиштата, како што се наставниците, социолозите и психолозите, значително го ослабува капацитетот за рано идентификување и превенција на употребата на дрогите кај учениците.

„Кога мал број на стручни соработници покриваат голем број на ученици, работата се намалува и интервенцијата се спроведува откако ќе се појави проблемот, а не како превенција. Ова го ограничува индивидуалното советување, работата со родителите и развојот на одржливи превентивни програми. Исто така, недостасува социјална анализа на ризик факторите во и надвор од училиштето. Како резултат на тоа менаџирањето на случаите останува фрагментизирано, а училиштето реагира со задоцнување“, рече Исмаили.

Аларм и во основните, не само во средните училишта

Што се однесува до употребата на наркотични средства од страна на учениците од основните училишта, директорката на основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово, Сихана Каба Касами, вели дека нема точни податоци.

„Што се однесува до основните училишта не верувам дека има ученици кои користат наркотични средства. Ова е мое лично мислење бидејќи немаме точни податоци за употребата на наркотични средства од страна на учениците од основните училишта. Знам дека цигари пушат голем број на ученици од VI, VII, VIII и IX одделение, особено електронски цигари, кои се уште поштетни за телото и мозокот на овие деца“, вели Каба Касами.

(6) Дрогата кај младите во Полог, алармираат експертите: Институциите реагираат со задоцнување, училиштата без доволна поддршка
Фото: Сихана Каба Касами, директорка на основното училиште „Кирил и Методиј“. Фото: Порталб.мк

Таа вели дека постојат неколку фактори кои придонесуваат за стагнација во превенцијата на овие негативни појави кај младите.

„На пример: недостатокот на разни обуки за младите со компетентни лица за овие негативни појави; недостатокот на работилници со родителите на учениците за поспецифичен третман на овие случаи; недостатокот на разни спортски, културни, хуманитарни активности; недостатокот на стручен кадар во основните и средните училишта, кој би ги третирал овие појави; недостатокот на средства за центри за рехабилитација каде што се лекуваат не само средношколци, туку и сите млади луѓе жртви на овие негативни појави“, вели Каба Касами.

Извор: МЕТА