АA-БЕСА: Ако се отвори Уставот за Бугарите, да се смени и погрдната формулација за албанскиот јазик

АA-БЕСА: Ако се отвори Уставот за Бугарите, да се смени и погрдната формулација за албанскиот јазик

Албанските опозициски партии во РСМ, Алијансата за Албанците и Движењето БЕСА го поддржуваат брзото деблокирање на процесот за почеток на преговори со Европската Унија и доколку се отвори Уставот да се отвори и прашањето за формулацијата на албанскиот јазик која во Уставот на Северна Македонија гласи „јазик што го зборуваат над 20 отсто од населението и кој се разликува од македонскиот јазик“, информира Порталб.мк.

За францускиот предлог за деблокирање на преговорите, од АА велат дека не сакаат да коментираат додека не го видат во официјална форма, а од Движењето БЕСА велат дека поддржуваат деблокирање на преговорите.

„Алијансата за Албанците останува на ставот дека мора да ги направиме сите неопходни работи за да се врати изгубената надеж кај граѓаните кон членство во ЕУ! Францускиот предлог го немаме видено во официјална форма и како таков не сакаме да коментираме во врска со медиумски објави! Важно за оваа фаза е деблокирањето, отворените прашања треба да бидат дел од тековната дебата! Алијансата за Албанците преку претседателот Зијадин Села пред 6 години изјави дека Бугарите треба да бидат вклучени во Уставот на државата! Уставот на државата треба да биде сеопфатен, а не ексклузивен, афирмативен документ, а не рестриктивен и во функција на олеснување на животот на граѓаните, а не за ограничувања“, вели за Порталб.мк Елми Азири од Алијансата за Албанците.

„Движењето Беса поддржува секое решение кое го отвора патот за интеграција на земјата во ЕУ“, изјави за Порталб.мк Абдуш Демири од Движењето БЕСА.

Двете партии потенцираат дека доколку се отвори Уставот, за да се воведе бугарското малцинство, тогаш ќе инсистираат да се смени формулацијата за албанскиот јазик.

„АА ќе го направи тоа што го правевме во минатото за ова прашање, ќе инсистираме да се отстрани погрдната дефиниција! За ова прашање очекуваме поддршка од другите политички субјекти во Собранието“, нагласи Азири.

„Ако ова решение значи отворање на уставот, тогаш сметаме дека треба да ја искористиме можноста за унапредување на правата на Албанците. Во конкретниов случај, Беса ќе побара да се отстрани погрдната формулација од 20 отсто и да се замени со терминот албански“, вели Демири.

Порталб.мк побара став и од ДУИ, но тие не одговорија на нашите пораки.

Министерот за надворешни работи, кој доаѓа од ДУИ, Бујар Османи, денеска изјави дека се уште официјално не го примил предлогот на француското претседателство за деблокирање на евроинтеграциите на Македонија и додека не биде усвоен од земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, не е во нашиот интерес да ги кажеме нашите позиции.

„Она што се случува е дека од вчера има предлог од Претседателството за земјите-членки, вклучително и за Република Бугарија, да се изразат некои идеи за кои француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Не мислам дека е во наш интерес да го искажеме нашиот став за ваквите предлози додека не ги слушнеме ставовите на земјите-членки“, рече Османи и додаде дека доколку Бугарија се обедини и Бугарија го каже својот став, тогаш и ние ќе ги кажеме нашите ставови.

Инаку, предлогот на француското раководство до ЕУ за надминување на бугарското вето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ стигна до Комисијата за надворешни работи на бугарскиот парламент, и вчера се разговарало и во пратеничката група за пријателство со Франција, информира Бугарското национално радио, повикувајќи се на извори од Собранието.

Во суштина, голем дел од францускиот предлог се однесува на заштитата на бугарското малцинство во земјава и спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Во документот што француското раководство го испрати до претседателката на Комисијата за надворешни работи на бугарскиот Парламент, се наведува дека „преговорите за членство обезбедуваат посебна грижа за заштита и недискриминаторски третман на граѓаните од малцинските групи во Северна Македонија“. За да се обезбеди ова, напредокот по ова прашање ќе биде внимателно следен од Европската комисија, која ќе подготвува извештаи до Советот.

Со овој предлог, за кој Софија мора да се изјасни деновиве, останува активен спорот за македонскиот јазик што го отвори Бугарија, бидејќи предлогот предвидува двете земји со еднострани изјави да ѝ се обратат на ЕУ со објаснувања за јазикот.

Истовремено, Франција предлага единствено решение за организација на две меѓувладини конференции. Првата на 23 јуни во Брисел, која е претставена како „политичка“, а втората во иднина, кога Северна Македонија ќе ги заврши уставните измени.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставниот суд денеска треба на седница да се произнесе за иницијативите за оценување на уставноста …