ААВМУ и СЕММ: Да престане арогантното и недолично однесување кон медиумските работници

По вчерашниот инцидент со тројца фоторепортери на лидерската средба во Клубот на пратениците, со осуда се огласија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и  Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Двете тела побараа да се стори сè да им се овозможи на медиумските професионалци да ја извршуваат својата работа и да се сопре со арогантното и недолично однесување од претставниците на власта.

„Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки. Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите“, се вели во реакцијата од ААВМУ.

Од СЕММ бараат Владата да спроведе истрага за вчерашниот инцидент.

„Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, реагираат од СЕММ.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …