Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) соопшти дека му укажала на јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија (МРТ), дека мора да води сметка вработените да не учествуваат во предизборни активности на политички субјекти.
„Укажувањето беше упатено откако, преку снимки објавени на социјалните мрежи, беше утврдено дека новинарката на МРТ1 Гордана Ѓорчева, беше водителка на 18-та конференција на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ која се одржа во неделата, на 3 март 2019 година. Инаку, со мониторингот на известувањето во предизборниот период беше констатирано дека на програмите на радиодифузерите, кои во моментов се предмет на надзор, таа не се појави во прилозите од овој настан“, соопшти ААВМУ.
Радиодифузниот регулатор исто така посочува дека сите уредници, новинари, водители на програма и презентери кои се ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, мора да ја почитуваат забраната за политички ангажман од распишувањето до завршувањето на изборите или во спротивно да се повлечат привремено од работното место.