Адеми: Не градоначалниците, туку наставниците ќе ги избираат директорите

Адеми: Не градоначалниците, туку наставниците ќе ги избираат директорите

Новиот закон за основно образование носи промена во начинот на избор на директорите на училиштата. Тоа денеска во Штип го најави министерот за образование и наука Арбер Адеми, нарекувајќи го новиот систем „департизација на училиштата“.

За тоа кој ќе биде новиот менаџер во училиштата, според предлог-законот, ќе одлучуваат наставниците.

-Во делот на деполитизација и департизација на училиштата, има големи промени од аспект на именување и избор на директори. Мислам дека тоа треба да се остави на избор на самите училишта, сами тие да одлучат кој ќе биде нивниот раководител, нивниот менаџер, имајќи во предвид дека тие подобро ги знаат нивните колеги и настрана од политиката да биде во овие процеси – рече министерот Адеми.

Една од новините предвидена со новиот закон е ограничување на бројот на ученици во една паралалека до 30, наместо досегашните 34, а минималниот број од 24 на 20.

Ова беше поздравено како позитивна новина од страна на директорите на штипските училишта, но како проблем што не е опфатен со законот, а беше изнесен на денешната дебата, е недефинирањето на задолжителната реонизација. Поради тоа, едни училишта се преполни со првачиња, други одвај запишуваат по една до две паралелки.

-Од она што успеав да го видам за ова кратко време, нема некои суштински промени во нацрт – законот. Има забелешки и ќе ги образложиме. Суштинска промена е начинот на основање на основните училиште, меѓутоа, се’ она што го тиштеше основното образование во претходниот период, во овој нацрт закон не успеав да го видам дека нешто е подобрено. Пред сè тоа се уписите на учениците, како и статусот на наставниците – рече Трајче Димков, директор на ООУ „Гоце Делчев“ од Штип.

-Околу статусот на наставниците и стручните работници имаме втор нацрт-закон со којшто се предвидува и кариерен развој и професионален и поддршка за наставниците, бидејќи недостасува поддршката од државата и институциите за професионален развој на наставниците. Предвидени се обуки за доусовршување на нашите наставници за што поквалитетен начин да ја организираат наставата – одговори министерот Адеми.

Наставниците се пожалија на недостаток на материјални средства, поради што министерот Адеми најави дека се во преговори со Светска Банка за одобрување на проект за подобрување на условите во училиштата.

-Ние сме во 21 век и недозволиво е во некое училиште се уште да нема микроскоп, да нема епрувети, географски карти – кажа Адеми.

Образованието во универзитетски Штип е период на сериозни промени, со постојано намалување на бројот на учениците. Оваа година 419 ученици завршиле основно образование, а повеќе од двојно слободни места има во средните училишта – 986.
Пополнувањето на предвидените паралалеки ќе зависи од учениците од останатите општини.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …