Адеми од Њујорк: Членството на Македонија во ЕУ и НАТО нема алтернатива

Во текот на вчерашниот ден, на покана на Хариман Институтот, министерот Адеми одржа предавање на Универзитетот Колумбија во Њујорк на тема “Западен Балкан, Македонија и интеграциските процеси – има ли улога за дијаспората? ”.

На почетокот од предавањето, министерот Адеми се осврна на значењето на земјите од Западен Балкан, како и важноста на нивната стратешка определба кон евроатлантските интеграции. Во тој контекст, министерот ја потенцираше и стратешката определба на Република Македонија за влез во НАТО, истакнувајќи го фактот дека истата датира од 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за влез на Република Македонија во НАТО. Дополнително на тоа, ги потенцираше и конкретните чекори кои Република Македонија ги има превземено од 1993-та година до денес, а кои укажуваат на искрените намери на државата кон евроатлантските интеграции. Министерот Адеми недвосмислено порача дека Владата на Република Македонија искрено верува дека наскоро ќе започне процесот на преговори за влез на Република Македонија во Европската Унија и дека Република Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО.

Министерот Адеми се осврна и на искрените намери на Владата на Република Македонија за воспоставување на соработка со дијаспората на институционално ниво. Во контекст на тоа, истакна дека за првпат во Република Македонија се работи на Национална стратегија за соработка со дијаспората. Истата се базира на четири клучни столбови и има за цел да воспостави една рамка преку која ќе се решаваат клучните проблеми на дијаспората и која ќе овозможи воспоставување и продлабочување на соработката помеѓу државата и дијаспората.

На крај, министерот Адеми се заблагодари за поканата да одржи предавање на еден од најреномираните светски универзитети и истакна дека Владата на Република Македонија и понатаму засилено ќе продолжи со активности кои забрзано ќе донесат полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …