Адеми - Се контролира онлајн наставата

Адеми – Се контролира онлајн наставата

Онлајн образованието е системско решение и има механизми за контрола на училиштата, вели министерот за образование, Арбер Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Ќе има интернет за сите ученици, а со помош на донатори ќе се помага на оние ученици кои немаат ИТ уреди, вели Адеми.

Речиси еден месец учениците не одат на училиште. Каква е вашата оценка, како се одвива онлајн образованието засега?

Ние донесовме конкретни уредби со законска сила, поврзани и со основното образование и со високото образование, кадешто е санкционирано и предвидено далечинското учење или учење од дома преку средствата за електронска комуникација и во трите уредби кои имаат законска сила, веќе се донесени закони од наша страна, од страна на Владата, предвидуваат дека далечинското учење или учењето од дома преку средствата за електронска комуникација се организира и треба да се обезбеди двонасочна комуникација и разменување на податоци. Тоа значи образовниот процес да се организира на начин без физичко присуство на засегнатите страни во овој процес. И конкретно мислиме на видео-конференциските платформи, на електронската пошта и секое друго средство за електронска комуникација.

Впечатокот е дека не се работи за системско решение, туку дека многу од работите се оставени на волјата и на можностите на наставниот кадар. Може ли да се направи некако воедначен систем којшто би важел за сите училишта на ниво на цела држава?

Се работи за системско решение, ама моделот и опциите преку кои средства за електронска комуникација ќе се организира наставата најцелисходно е самите училишта да се определат, бидејќи пред донесување на уредбите ние препорачавме до сите образовани институции да организираат онлајн настава. Нели имаше отпор, апели, критики, дека нема законска подлога, законски основ, затоа ги донесовме уредбите и сега онлајн наставата е формален образовен процес, а не неформален. И имајќи предвид дека постојат повеќе платформи, самите училишта нека се определат преку која платформа, но ова е системско решение. Дали ќе користат Мајкрософт тимс или Гугл класрум, Фугл драф, Едмундо или некоја друга платформа или можеби тие развиле своја платформа, тоа е нивно решение.

Има ли министерството механизам да ги контролира училиштата ако не го прават тоа?

Секако дека да.

И што ако не го прават?

Министерството не, но имаме други оперативни органи, оперативни институции кои веќе преземаат конкретни чекори, како што се Државен Просветен инспекторат, доставува прашалници до училиштата, до наставниците поврзани со организирање на онлајн наставата и ова е задолжително, сега наставниците се организираат и информациите коишто ги добиваме ние се доста охрабрувачки.

За тие што немаат пристап до интернет, најавивте ваучер како можност којшто би го доделувала државата. Што е со оние коишто немаат никаков електронски уред? Дали државата размислува тука да помогне нешто?

Ние се определивме да обезбедиме интернет за сите деца и затоа пративме допис до сите училишта да не информираат кои деца немаат пристап до интернет. Можеби имало недоразбирање, барале податоци за доделување, распределување на ИТ уреди, но најбитно е сега интернет да има секој, секој да има пристап, затоа ние веќе со колегата за информатичко општество Дамјан Манчевски ќе доделуваме ваучери за пристап до интернет бесплатно за сите деца кои потекнуваат од семејства кои немаат никакви приходи. ИТ уред, може генерално да кажам дека најголем дел од децата или родителите на децата имаат ИТ уред, бидејќи ако се сеќавате во нормални околности кога сме биле имаше апели, барања до нас да се забрани употребата на смарт телефони за време на часовите, така што најголем број на граѓаните и на учениците или родителите на учениците имаат ИТ уред, но најискрено може да ви кажам дека и со една скромна цена, вредност, може да се обезбеди ИТ уред, или најмалку паметен телефон и употребен на пазарот. Така што не гледаме дека имаме проблем, иако веќе сме во комуникација со потенцијални донатори од бизнис заедницата кои сакаат да помогнат во овој дел и на најзагрозените семејства кои се под социјален ризик без никакви примања.

Институтот за хемија неодамна протестираше поради застарена лабораторија, велат 60 години во лабораторијата. Тие се само еден од примерите. Во лабораториите во македонските научни институции со декади не е инвестирано. Покажа ли ова што сега се случува со светската пандемија колку е важно да се инвестира во научно образовните дејности и дали размислувате во таа насока да се зголеми инвестирањето?

Не ни треба пандемија, епидемија или некоја друга несреќа за да бидеме свесни дека треба да инвестираме повеќе и повеќе во науката, во научно-истражувачката дејност и во подржување на претставниците од научната заедница.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања

Евроамбасадорот Дејвид Гир не ја коментира изјавата на претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи …