Мицкоски со Ахмети

Ахмети упати писмо до Мицкоски: Секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија

Во писмото на Ахмети стои дека последните одлуки на Уставниот суд, за кои тој вели дека се чини оти претставуваат извршување на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикале загриженост кај граѓаните кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во земјава

Претседателот на Демократската унија за интеграција, (ДУИ) Али Ахмети испратил писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд, соопштија од опозициската партија.

Во писмото, Ахмети вели дека одлуките имаат потенцијален негативен ефект на „меѓуетничката кохезија во државата“.

„Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“, се вели во писмото упатено до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Ахмети во писмото додава дека последните одлуки на Уставниот суд, за кои вели дека се чини оти претставуваат извршување на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикале загриженост кај граѓаните кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во земјава.

„Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, се вели во писмото на Ахмети.

Во писмото се спомнува и Законот за употреба на јазици, при што Али Ахмети пишува дека одлуките за негова измена или ревизија „не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците“.

„Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност“, стои во писмото.

Ахмети го повикува Мицкоски „да размисли“ со зрелост и одговорност и порачува дека иднината на земјата треба да се гради врз основа на соработка и заемна почит, а не врз поделби.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

PR UltiMATH - Натпревар по математика

Награда од 10.000 евра во кеш: Започнува најголемиот математички натпревар за средношколци UltiMATH

За средношколците што сакаат да се натпреваруваат и да ги поместуваат границите на своето знаење, …