Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, откри дека размислува за повлекување од активната политика по повеќе од две децении на политичката сцена.
Во интервју за РТВ21, Ахмети зборуваше за својата иднина, но и за состојбите во партијата. Тој призна дека по 25 години активна политичка кариера сè почесто размислува за пензионирање.
„Искрено, размислувам за тоа, бидејќи зад мене се 25 години политика и историја. Животот исполнет со постојани активности и состаноци носи свое оптоварување“, изјави Ахмети.
Сепак, тој додава дека неговите сопартијци сметаат дека сè уште не е време за негово повлекување и дека неговото присуство во политиката останува потребно.
Ахмети се осврна и на кадровските промени во ДУИ, нагласувајќи дека во раководните структури веќе е спроведено значително освежување.Според него, повеќе од 83 отсто од раководството го сочинуваат нови и млади кадри.
Не е првпат да се појават гласини за повлекување на Ахмети
Не е првпат во јавноста да се појават гласини за можно повлекување на Али Ахмети од политиката.
Во октомври 2021 година, по локалните избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги демантираше информациите дека Ахмети ќе се повлече од политичката сцена по послабите изборни резултати.
„Станува збор за лажна вест“, изјави тогаш потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми.
Во екот на кампањата за вториот круг од локалните избори, медиумот на албански јазик „Фол“ објави дека Ахмети сериозно размислува да ја напушти активната политика по завршувањето на изборниот процес. Повикајќи се на партиски извори, медиумот тврдеше дека лидерот на ДУИ веќе разговарал за таквата можност со најблиските соработници, како и со политички партнери од Албанија и Косово.
Според тогашните наводи, конечната одлука требало да биде соопштена по завршувањето на вториот круг од изборите, за да не влијае врз резултатот на кандидатите на ДУИ. Сепак, Адеми категорично ги отфрли ваквите тврдења, оценувајќи ги како дезинформации.

Ахмети: Предвремените избори се најдобро решение
Гостувајќи во емисијата „Click Plus“ на РТВ21 во Приштина, Ахмети оцени дека најдоброто решение за актуелната политичка состојба се предвремени избори.
Според него, потребна е нова политичка клима за да се спречи дополнително влошување на состојбите во земјата.
„Треба да се промени климата. Мислам дека и македонската партија на мнозинството сфати дека работите не одат добро. Треба да се почитува мнозинството Албанци, а најдоброто решение би биле предвремени избори. Ако се одржат утре, ние сме подготвени“, рече Ахмети.
Тој додаде дека не очекува изборите да се одржат годинава, туку следната година, нагласувајќи дека ДУИ е подготвена за изборен натпревар во секое време.
Критики кон ВЛЕН и прашањето за албанскиот јазик
Во интервјуто, Ахмети упати остри критики кон коалицијата Вреди (Влен), обвинувајќи ја дека влегла во Владата без легитимитет.
„Ова треба да биде последната грешка албанските партии да влегуваат во Владата без легитимитет“, изјави лидерот на ДУИ.
Тој оцени дека ДУИ во изминатите две децении учествувала во влади со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, но секогаш врз основа на политички договори.
Ахмети истакна дека во текот на своето политичко дејствување работел на проширување на правата на Албанците во согласност со Охридскиот рамковен договор, наведувајќи дека застапеноста на Албанците во институциите пораснала од 1 до 2 проценти на повеќе од 22 проценти. Според него, актуелните политики довеле до назадување во одредени области поврзани со правата на Албанците и со употребата на албанскиот јазик во институциите.
„Не барам од нив да направат колку што направивме ние. Оваа власт ја затекнав на нула, а ја оставив со албански премиер. Не би барал од нив да ги постигнат истите резултати, но барем да не ги омаловажуваат постигнатите успеси“, порача Ахмети.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место