суд судство правда

Академијата за судии и јавни обвинители избира директор, ќе биде ли последен?

Седум кандидати се во трка за директор додека власта најавува реформа на Академијата бидејќи, вели, била „извор на скандали“ изминатите години. Но, прво ќе прави анализа што е потребно. Дел од стручната фела, пак, смета дека не е неопходна поделба на две академии туку приоритетно е да се обезбедат подобри услови за постоечката – од простор до финансии, но и добри едукатори.

Пет судии и двајца обвинители имаат амбиција да застанат на чело на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, откако поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.

Претстојниот избор на нов директор би можел да биде и последен за оваа институција во ваков формат бидејќи власта најавува реформа, која може да доведе и до нејзина поделба на две академии – една за судии и една за јавни обвинители.

На огласот кој беше објавен на 26 август се пријавиле двајца судии од Основниот кривичен суд во Скопје, Ненад Савески и Оља Ристова, судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд, судијката Едита Насковска од Управниот суд, како и актуелниот заменик-директор на Академијата Илир Исени, чија судиска функција е во мирување. Од редовите на обвинителите, пак, амбиции имаат Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство Скопје и Ирина Трајкоска-Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола.

В петок (20 септември), комисија ги разгледуваше нивните пријави и деновиве службите во Академијата изготвуваат детален извештај кој потоа ќе биде презентиран на Управниот одбор, кој од тој момент ќе има рок од осум дена да именува нов директор. Меѓутоа, нема прецизен датум кога сублимираниот извештај ќе се достави до раководството бидејќи, како што велат од Академијата за Радио Слободна Европа (РСЕ), тој ќе биде обемен со оглед на бројот на пријавени кандидати и нивните богати биографии.

Правда: Академијата беше извор на скандали

Во меѓувреме, пак, власта разгледува опција како да ја реформира оваа институција.

Од Министерството за правда велат дека Академијата „со години беше извор на скандали од кои поголем доказ за потребата од реформа не е потребен“.

„Дали со избор на синови, ќерки или блиски на високо позиционирани функционери на ДУИ и на СДСМ, или годинава со прекршување на законот за што потврдија и Државната комисија за спречување корупција и Управен суд. Да не заборавиме дека АСЈО беше дел и од оној коруптивен скандал со судија на Врховен суд и член на Совет на јавни обвинители, кои се спогодија со судот“, велат од Министерството за правда за РСЕ.

Еден од примерите на кој алудираат оттаму, е случајот со седмата генерација што ја заврши обуката на Академијата на почетокот на 2023 година. Тогаш вниманието го привлече тоа што меѓу кандидати се најдоа членови на семејствата на познати политичари, судии, обвинители … Најзвучно беше името Барлет Џафери, син на поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник од ДУИ, Талат Џафери.

Но, какви реформи сега планира власта, од Министерството за правда не прецизираат. Прво ќе се прави анализа.

„Потребни се реформи коишто ќе го стават системот на здрави нозе и од нив Владата не се откажува, а за тоа потребно е да се направи вистинска целосна анализа за да не се започне нешто што повторно ќе излезе ’криво насадено‘“, велат за Правда, ресор со кој раководи министерот Игор Филков од ЗНАМ.

Најголемата партија во владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, пак, во својата изборна програма зацрта дека ќе ја подели Академијата на две. Ваква варијанта се споменува и во владината програма што беше изгласана од Собранието на 23 јуни каде се потенцира дека „судската власт треба да биде целосно независна и разделена од Јавното обвинителство кое по закон претставува единствен и самостоен државен орган“.

„Јавното обвинителство е странка во постапката пред судовите, како и адвокатите. Токму поради тоа, едукацијата на судии и јавни обвинители треба да биде разделена, со цел да се спречат можни влијанија и злоупотреби при водењето на постапките“, пишува во владината програма.

„Поделбата не е лоша идеја, но не е неопходна“

Кај дел од претставниците на стручната фела, пак, има резерва дали поделбата на Академијата треба да биде приоритет за реформата.

Поранешната врховна судијка Вера Коцо, која е и едукатор во Академијата, вели дека не е лоша идејата да се подели бидејќи не е идентична работата на судиите и обвинителите. Но, нагласува дека тоа не е исклучително важно бидејќи и во вакви услови ако се сака може да се има професионални судии и обвинители.

„Јас мислам дека повеќе внимание треба да се обрати на кадарот, па дури и оние кои се вклучени како едукатори треба да се обрати внимание на тоа што значи квалитетен едукатор. Не може секој пензиониран или актуелен судија да биде едукатор, тоа се луѓе кои би требало да имаат специјални афинитети и можности да го изразат тоа што го имале во својот период на работа за да може да го пренесат. Не е важно само колку знаеш туку како ќе умееш тоа да го пренесеш на другите“, вели Коцо за РСЕ.

Таа нагласува дека евентуална поделба би значела и дополнителни трошоци за што државата треба да има желба да го покрие бидејќи во моментов единствената Академија која постои кубури со финансии и нема ниту соодветен простор.

Актуелниот заменик-директор Илир Исени, пак, е дециден дека треба да постои единствена академија, како што е сегашната. Според него, со актуелните законски решенија и судиите и обвинителите се еднакво застапени во оваа институција и во однос раководството, и во однос на програмите по кои се работи и комисиите и телата што функционираат во нејзини рамки.

Тој нагласува и дека дел од обуките се наменети заеднички да се одржуваат за кандидатите за судии и обвинители, особено оние во кривичната област бидејќи имаат мултидисциплинарен пристап и во нив учествуваат претставници на други институции кои имаа допирна точна со правосудството, како МВР, финансиска полиција, адвокати, нотари … Заедничката едукација, според Исени,овозможува и поширока перцепција на кандидатите за постапките кои се водат и пред судовите и пред обвинителствата и им дава поголемо правно знаење.

„Раздвојувањето ќе послужи и за дуплирање на органите, телата, вработените, со што ќе бидат дуплирани и трошоците бидејќи институција со иста намена ќе повлекува дупли трошоци и паралелно работење, а ништо суштинско не би се постигнало. Тогаш повторно ќе треба да се воспостават односи помеѓу наводно новите Академии меѓу себе и со дотичните Совети, а сето тоа ќе доведе до усложнување и одолговлекување на процесот на донесување одлуки“, вели Исени за РСЕ, додавајќи и дека меѓународната заедница поддржува постоење на единствена Академија.

Според него, она кон што треба да се насочи политичката власт е кон овозможување Академијата да има просторни услови, човечки ресурси, сопствен ИТ систем, независен буџет.

Тој од 13 јули ја врши улогата на прв човек на Академјата поради оставката на поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска. Таа се повлече откако помина околу година и половина од нејзиниот втор четиригодишен мандат. Првпат беше избрана да ја води Академијата во декември 2018 година, а на крајот на 2022 беше реизбрана.

Нејзината оставка дојде по спорот околу постапката за прием на 130 кандидати во деветтата, најголема генерација на АСЈО. До него дојде бидејќи една од фазите на тестирања беше закажа во изборниот период поради што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) покрена иницијатива за одговорност. Случајот се најде и пред Управен суд, кој првично пресуди во корист на Академијата, но потоа донесе одлука дека треба да се стопира приемот.

Габер-Дамјановска, во целиот овој процес тврдеше дека тие не ги прекршиле изборните правила бидејќи во случајот со постапката за тестирање за кандидатите не станува збор за вработувања.

Академијата за судии и јавни обвинители постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител. Прва директорка на Академијата за судии и обвинители беше Анета Арнаудова. Во 18-годишното постоење, обуката во Академијата ја поминале над 1.200 кандидати.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

УНЕСКО следната година ќе го разгледува статусот на Охридското езеро

УНЕСКО следната година ќе го разгледува статусот на Охридското езеро

УНЕСКО внимателно ја следи состојбата на Охридското Езеро, но дали ќе биде ставен на листата …