вештачката интелигенција илустрација

Ако се користи транспарентно, вештачката интелигенција ветува понатамошен развој во корист на човештвото

„И покрај капацитетите кои ги имаме, работната сила кај нас, а ова најверојатно важи и за целиот регион, сѐ уште е доволно евтина за да нема доволно интерес за автоматизација со ВИ, па заради тоа можеби ја имаме перцепцијата дека заостануваме“ – Д-р. Петре Ламески, продекан на ФИНКИ.

Минатата недела во Дубаи беше докажано дека изведувањето на лапароскопска операција со помош на робот со вештачка интелигенција (ВИ) дава подобри резултати од традиционалниот начин, односно значително се намалува губитокот на крв и овозможува побрзо заздравување на пациентот.

Иако речиси 69 отсто од студентите во светот сметаат дека некои професии во иднина ќе бидат преземени и извршувани од страна на уреди со вештачка интелигенција, а 63 отсто сметаат дека најверојатно тоа се професиите касиер, возач и преведувач, неодамнешниот пример за роботската интервенција покажува дека светот не е толку далеку од промена на начинот на управување со професиите што засегаат поголеми компетенции.

„Прашањето не е дали некоја работа која ја работат луѓето ќе биде автоматизирана, туку кога“, вели за Мета.мк, д-р Петре Ламески, доцент и продекан за настава на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Д-р Ламески објаснува дека придобивките од научните достигнувања од областа на вештачката интелигенција ќе овозможат работата за која имало потреба од 20 или 30 луѓе, да ја работи само еден човек кој ќе се бави со конфигурација на машините и
мониторинг на процесите.

„Физичкиот дел од работата ќе го преземат „интелигентните“ машини. Пред неколку месеци имав прилика да посетам скоро целосно автоматизирана фарма во Холандија. Еден до двајца луѓе се доволна работна сила за покривање на целиот процес на одгледување на 150 млечни крави. Нешто што без користењето на интелигентните машини и автоматизацијата би било незамисливо. Секако, ваквото ниво на автоматизација бара и обезбедување на посебна логистика и дополнителна инфраструктура“, вели тој.

Д-р Петре Ламески активно се бави со истражувања од областа на вештачката интелигенција и нејзината примена во финансиите, медицината, екологијата и земјоделството. Покрај тоа, активно работи и како консултант за развој на апликации кои користат вештачка интелигенција за домашни и странски компании.

Според него, ВИ во блиска иднина ќе ги замени оние професии за кои е поедноставно да се автоматизираат, односно како што објаснува, професии каде работните процеси се репетитивни, а во подалечна иднина ќе ги замени и покомплицираните професии, (како што е случај во некои од поразвиените земји) па дури и оние професии кои бараат високи квалификации, како научници, доктори и инженери.

Развој на уреди со вештачка интелигенција

„Веќе постојат продавници по Европа каде што бројот на касиери е сведен на минимум преку користење на каси кои автоматски ги пресметуваат сумите преку ставање на сите производи во една корпа. Таму каде што овие системи се присутни, просечната плата на касиерите е преку 2000 евра. Автоматизацијата на процесите, со или без ВИ, се прави таму каде што тоа е исплатливо и како што спомнав претходно, сите професии кои денес постојат ќе бидат автоматизирани, најверојатно со користење на ВИ“, поентира Ламески.

Тој како причина за замената на професиите со ВИ го посочува и примерот со Велика Британија каде како што вели има недостаток на определен кадар.

„Во недостаток на медицински кадар и обид да се намалат трошоците во нивниот здравствен систем, Велика Британија сериозно инвестира во користење на роботи кои користат ВИ, како замена за докторите и медицинските сестри во јавното здравство“, вели Ламески.

Според него, С. Македонија не заостанува зад другите земји, напротив на нашите универзитети и институти активно работат на истражувања од областа на вештачката интелигенција.

„Како пример ќе го издвојам ФИНКИ како водечки факултет во областа на ВИ во државата, па и во регионот. Добар дел од професорите и асистентите кои работат на ФИНКИ, активно и посветено истражуваат во оваа област. Исто така, студентите кои студираат на ФИНКИ, се запознаваат со најновите трендови и достигнувања од областа на ВИ. Значи, во државата продуцираме кадар кој може да се носи со сите предизвици и кој може да го води развојот на ВИ во домашната индустрија“, посочува д-р Ламески.

Влијанието на ВИ врз однесувањето на луѓето

Ламески укажува дека ВИ е веќе распространета насекаде околу нас и ние сме навикнати на нејзиното влијание, до таа мера што не би можеле ни да го замислиме нашето секојдневие без она што ВИ ни го овозможува.

„Кампањите на политичките партии кои ги анализираат целните групи и носат одлуки врз основа на тие анализи овозможуваат директно влијание на ВИ на нашите политички одлуки. Камерите од мобилните телефони користат алгоритми од ВИ за да ја подобрат сликата која ја сликаме. Апликациите кои мерат активност користат сензори во комбинација со алгоритми од ВИ за да ги класифицираат нашите активности (возење велосипед, одење, трчање и сл.)“, вели продеканот на ФИНКИ.

Злоупотреба и контрола на уредите со вештачка интелигенција

Според, д-р Ламески, Контролата на ВИ може да се постигне само преку регулација на користењето на ВИ и транспарентност.

Алатките кои ни ги овозможува развојот на ВИ би ги споредил со ножот како алатка во кујна и ножот како оружје на бојно поле. Некаде овие алатки ќе бидат корисни, а некаде ќе предизвикаат штета во зависност од нивната апликација. На крајот алатката ја користат луѓето и одговорноста паѓа на оние кои ја користат – на овој начин д-р Ламески го опишува можното злоупотребување на вештачката интелигенција од страна на човекот.

Транспарентноста на ВИ предизвикува доста голем интерес во научните кругови во последниов период и доста ресурси се алоцирани на нејзино изучување.

„Целта е да се направи машина или софтвер кои во исто време ќе бидат доста ефикасни и прецизни во својата работа и ќе бидат способни да дадат и отчет за работата. Алатките кои користат ВИ и сега го прават тоа, ама го прават на јазик кој е разбирлив само за инженерите и научниците. Интензивно се работи на отстранување на овој недостаток на ВИ. Мислам дека и политиките на регулација на ВИ ќе одат во насока на градење на системи базирани на ВИ кои се транспарентни и чии одлуки можат да бидат објаснети“, вели д-р Ламески.

Тој посочува дека е потребна регулација која треба да биде насочена кон спречување на штетни апликации која истовремено ќе овозможи понатамошен развој на вештачката интелигенција.

„Станува невозможно да се следи развојот на вештачката интелигенција до таа мера што во иднина ќе биде потребно да се истренира вештачка интелигенција која ќе го следи развојот и ќе го резимира за нас. Интересно е што веќе постојат методи кои го овозможуваат ова“, вели Ламески.

Постојат и воени оружја кои користат технологии од ВИ и високо развиените земји веќе се во трка за создавање на што посовршени вакви оружја.

„Додека едни земји прават преголема регулација на пристапот до податоци, други земји создаваат доста напредни иновации користејќи ги податоците со кои располагаат, игнорирајќи ги понекогаш етичките правила и норми“, подвлекува Ламески.

Луѓето, апаратите и машините кои ги користиме, па дури и самата природа околу нас, секојдневно генерираат огромно количество на податоци.

„Овие податоци може да ги собираме и снимаме и врз основа на нив, преку користење на методите кои ни ги нуди ВИ, да дизајнираме и продуцираме различни паметни уреди кои би биле од корист за нас и нашето општество“, забележува д-р Ламески.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

deepfake

Deepfake – лажни видеа направени со вештачка интелигенција за кои треба да бидеме загрижени

Мислите дека го гледате претседателот на Украина Володимир Зеленски како зборува и им кажува на …