„Акредитатор“ е додаток за интернет прелистувачите Chrome и Firefox, кој помага во распознавање на етичките медиуми во земјава. Автор на алатката е Горјан Јовановски, а листата на етички медиуми е преземена од од регистрите Промедиа (ЗНМ/ССНМ) и ИАБ Македонија.

Откако ќе го преземете, во горниот десен агол на прелистувачот ќе се појави сив круг, кој потоа ја менува бојата, во зависност од сајтот што сте го отвориле.

„Зелено, ако сајтот на медиумот е дел од двата национа,ни регистри на медиуми со потпишан Етички кодекс на известување. Сиво, ако сајтот не е пронајден во регистрите“ пишува во описот на алатката.

Тоа значи дека ако за сајтот се појави зелена боја, помали се шансите истиот да шири дезинформации, односно да е веродостоен во известувањето.

„Ги повикувам сите медиуми кои правилно и етички пристапуваат кон известување на граѓаните, да поднесат барање до горенаведените регистри и да станат дел од истите. А во исто време, ве охрабрувам вас да го преземете Акредитатор и да добиете поголема доверба во оние медиуми каде што таа е заслужена. И секако, пријавувате ги оние кои го прекршуваат потпишаниот кодекс на етичко известување! Да го направиме македонскиот медиумски простор поквалитетен заедно!“ порачува Јовановски.

Проектот е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развоj преку повикот КРЕАТОН.

Извор:МЕТА