Одржувањето на објектите од проектот „Скопје 2014“ е исто толку скапо како и нивното уривање и според тоа, основната претпоставка со која почна изградбата на овој проект, како проект што на Владата ќе ѝ заштеди пари за кирии, е соборена, рече министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, на денешната дебата за иднина на „Скопје 2014“, организирана од граѓанското здружение „Плоштад Слобода“.

– Сите опции се разгледуваат – и задржување и уривање и пренамена, но сè ќе биде направено со широка расправа и со меѓународен конкурс за можни решенија – рече Алаѓозовски.

Од „Плоштад Слобода“ рекоа дека ревизијата на „Скопје 2014“ не траба да ги опфати само финансиските и процедуралните аспекти во изградбата, туку и функционалноста на објектите.

Д-р Донка Барџиева, историчарка на уметноста, инсистираше на правните аспекти на „Скопје 2014“. Според неа, сето тоа е изградено незаконски и сугерираше отворање јавна расправа за иднината на проектот.

Архитектот Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ вели дека 16 пати биле менувани законските прописи за да може формално-правно да се покријат сите градежни идеи за „Скопје 2014“.

Извор: МЕТА