Алармантно е во болницата во Прилеп, недостигаат 25 специјалисти

Во моментов во болницата работат 65 специјалисти, а потребите налагаат нивниот број да биде помеѓу 85 и 90. Проблемот е тешко решлив, очекуваме и негово влошување, што може да доведе до затворање на одредени одделенија, истакна директорот на прилепската болница, Драги Богојески. Се работи и на санирање на последиците и утврдување на причините поради кои дојде до паѓање на плафонот во една од болничките соби во хируршкото одделение

Пишува: Зоран Милошески

Прилепската општа болница „Борка Талески“ се наоѓа во незавидна ситуација. Наместо неопходните 85 до 90 лекари-специјалисти, во болницата моментно работат само 65 специјалисти. Состојбата е уште поалармантна ако се има предвид дека просечната старосна структура на вработените доктори изнесува околу 50 години.

На ваквата ситуација укажа директорот на болницата, Драги Богојески, кој додаде дека ситуацијата може дополнително да се усложни поради дискрепанцата помеѓу бројот на млади лекари кои се наоѓаат на специјализација и оние кои наскоро, по разни основи, ќе заминат од болницата.

– Имаме потешкотии за обезбедување 24-часовно згрижување на пациентите по одделенијата. Недостигаат специјалисти. Најкритична е состојбата во ушното одделение, каде што во моментов работи само еден специјалист, како и во гинекологија, каде што има само тројца специјалисти. Штом ќе добиеме согласност, младите доктори веднаш ќе бидат упатени на специјализација. Во моментов во болницата работат 65 специјалисти, а потребите налагаат нивниот број да биде помеѓу 85 и 90. Проблемот е тешко решлив, очекуваме и негово влошување, што може да доведе до затворање на одредени одделенија – истакна директорот на прилепската болница, Драги Богојески.

Финансиските обврски на болницата изнесуваат околу 40 милиони денари, од кои најголемиот дел се кон Институтот за трансфузиологија и кон ЕВН. Сепак, како што потенцираше Богојески, болницата непречено функционира и обврските кон добавувачите на месечно ниво редовно се исплаќаат.

Во општата болница „Борка Талески“ од Прилеп се работи и на санирање на последиците и утврдување на причините поради кои дојде до паѓање на плафонот во една од болничките соби во хируршкото одделение.

– Заедно со изведувачот и со надзорот на реконструкција на болницата ги утврдивме причините поради кои дојде до паѓање на плафонот во соба бр.2 од Хируршкото одделение. Неквалитетна монтажа е причината за попуштање на носачот кој ги држи картонските гипс-плочи. Дошло до лизгање, односно до испаѓање на носачот од челичните држачи. По утврдувањето на состојбата, договорено е комплетно санирање и целосна контрола на сите тавани на кои биле монтирани спуштени плафони – вели Богојески.

Изведбените работи на реконструкцијата на болницата уште се под гаранција, така што трошоците за санацијата паѓаат на сметка на изведувачот на работите.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …