Александрова: Европратениците го поддржаа процесот за помирување

Процесот за помирување доби силна поддршка од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн, информираше Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и додаде дека добиле охрабрување и насоки за продолжвање во правецот во кој се движат.

– За нас како осум независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа има големо значење и покажува дека сме на вистинскиот правец, и дека процесот кој тече во државата во однос на процесот на интеграции, на реформи и на помирување е токму вистинскиот пат по кој мора да се движи Македонија. Ова се историски моменти, препознаени од сите, и од нас осумте пратеници – рече Александрова.

Таа додаде дека од страна на нивната група било истакнато дека ова се сензитивни моменти за македонскиот народ и оти нема место за импровизации и манипулации со националните чувства на народот.

– Сите мора да бидеме искрени и да веруваме во овој процес затоа што ние немаме резервна држава, а нашата држава мора да се движи напред кон евроатлантските интеграции – посочи Александрова.

Запрашана дали ќе останат до крај поддржувачи на уставните измени, Александрова рече дека реформите, интеграциите и помирувањето одат заедно, бидејќи еден без друг нема да дадат квалитетно решение кое е потребно за државата.

– Затоа очекувам и верувам дека сите учесници во овој процес како и досега ќе останеме доследни ќе покажеме разумност и секој во својата сфера ќе си придонесе да се реализира комплетно овој процес – додаде пратеничката.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција

Соопштение од Министерството за правда по однос на барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски од …