Амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, поднесе оставка. Таа го соопшти ова во опширна објава на платформата X, наведувајќи дека енергично ќе се брани од обвинувањата што ѝ се упатени. „Обвинувањата се невистинити и имам намера енергично да ја бранам својата чест, углед и интегритет“, вели таа. Обвинувањата се однесуваат на периодот пред и за време на нејзиниот мандат во Атина.
Во последните недели, во „Волстрит журнал“ се појавија неколку написи во кои се опишува наводно сомнително однесување на Гилфој. На пример, таа наводно во март минатата година во Атина навестила дека САД би можеле да бидат вклучени во претстојно соборување на романската влада – и дека би можеле да го сторат истото и во Грција.
100.000 долари за долг на кредитна картичка?
„Волстрит журнал“ исто така објави информации дека Гилфојл побарала од Ерик Дитерс, донатор на Трамп, да ѝ префрли 100.000 долари. Наводно, на 57-годишната Гилфојл ѝ биле потребни средствата за да подмири долг кон „Американ експрес“. Таа наводно му дала инструкции на Дитерс да ги испрати парите на начин што би било невозможно да се следи трансферот. Дитерс, според објавените информации, одбил да изврши уплата. Адвокатот на Гилфојл ја оспори автентичноста на текстуалните пораки објавени од весникот и ги отфрли сите обвинувања за неправилности.
Во саботата, „Волстрит журнал“ извести и за аудиоснимки од разговори во кои амбасадорката зборувала за луксузни патувања платени од богати грчки бизнисмени. Според весникот, на друга снимка Гилфојл, користејќи пцовки, се пожалила дека не била поканета на вечера организирана на маргините на Светскиот економски форум во Давос во јануари годинава. Овие извештаи беа објавени во време кога американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио беше во посета на Европа, при што ја посети и Атина.
Во понеделникот (13.10), американскиот претседател Доналд Трамп го изрази своето незадоволство во врска со извештаите за постапките на Гилфојл. „Па, го испитуваме случајот“, им рече тој на новинарите во Белата куќа, кои прашаа дали размислува да ја разреши амбасадорката. „Не сме задоволни“, рече Трамп.
Поранешната водителка на „Фокс њус“, Гилфојл, важи за убедена поддржувачка на движењето МАГА (Make America Great Again – Да ја направиме Америка повторно голема) на Трамп. Таа не само што беше свршена со Доналд Трамп Помладиот, туку во минатото беше во брак и со сегашниот гувернер на американската сојузна држава Калифорнија, Гевин Њусом, кој се смета за можен претседателски кандидат на опозициската Демократска партија.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место