Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ влегува во изградба на автопатите на Коридор 8 и 10д

Вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ го потпишаа Меморандумот за разбирање и соработка за изработка на проектна документација и изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д.

Министерот Благоја Бочварски по потпишувањето на овој меморандум истакна дека станува збор за нов модел којшто за прв пат се користи кај нас, со кој ќе се надминат постоечките проблеми што се забележаа со други инфраструктурни проекти во земјава, како што е чекањето со години на проектирање, па потоа и на реализација на проектите, но и отстранување на можноста да се јавуваат проблеми поради неусогласеноста меѓу проектантите и изведувачите при одредени проекти. Како негативни примери, тој ја спомена изградбата на автопатот Кичево-Охрид и пругата кон Бугарија.

Веќе од утре, започнува постапката за изработка на проектно-техничката документација за планираните автопатски делници, во која ќе биде вклучена стручната фела од нашата земја, но и од конзорциумот „Бехтел-Енка“. Министерот Бочварски денеска не можеше да каже колку точно ќе чини изградбата на овие инфраструктурни проекти, како и во кој временски рок ќе бидат завршени. Сепак, тој напомена дека сумите на чинење и роковите ќе бидат познати по изработката на идејните проекти.

Откога ќе биде изработена документацијата и анализите, таа ќе ѝ биде презентирана на јавноста, а пред склучувањето на договорот за изградба на автопатските делници, Собранието на РСМ ќе треба да даде согласност за реализација на патните Коридори 8 и 10 д.

И Бочварски и Груби денеска рекоа дека „Бехтел-Енка“ е многу квалитетна и сериозна компанија, но се заблагодарија и на Амбасадата на САД во Скопје и на американската влада за големата посветеност во соработката меѓу Скопје и Вашингтон.

Со овој Меморандум за разбирање и соработка, практично ќе треба да се реши проектирањето и изградбата на оние автопатски делници од Коридорите 8 и 10д, за кои во моментов не постои изработена проектна документација, ниту пак се обезбедени извори на нивно финансирање.

Покрај тоа што меѓу Тетово и Гостивар би се изградил надграден автопат со дополнителни ленти за движење на возилата, „Бехтел-Енка“ би се вклучила во изградбата на двете делници од идниот автопат Гостивар-Кичево (Гостивар-Горна Ѓоновица и Горна Ѓоновица-Букојчани). „Мета.мк“ веќе пишуваше дека третата делница од Букојчани до Кичево ќе се гради одвоено, со средства од ЕБОР и Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), а тендерот и почетокот на изведбата треба да следуваат до крајот на годинава. 

Воедно, „Бехтел-Енка“ би се вклучила во проектирањето и изградбата на автопатот од охридското село Требеништа преку Струга до самата граница со Албанија, со што патниот Коридор 8 кон западниот сосед на овој начин би се довел во профил на автопат по целата негова должина.

Исто како и кај Коридорот 8, со изградбата на автопатот Прилеп-Битола ќе се реши во целост реализацијата на патниот Коридор 10д низ земјава. Идната автопатска делница би се поврзала на експресниот пат Градско-Прилеп којшто во моментов се гради, како и со идниот експресен пат од Битола до границата со Грција кај Меџитлија.

Турско-американскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ е сериозен играч на Балканскиот Полуостров во изминативе години, којшто ги изгради автопатот „Арбен Џафери“ од граничниот премин меѓу Македонија и Косово до Приштина, како и автопатот „Ибрахим Ругова“ со кој се поврзаа Косово и Албанија. Во Србија, „Бехтел-Енка“ во моментов го гради Моравскиот коридор во должина од 112 километри, со кој преку автопатско решение ќе се поврзат патниот Коридор 10 и градовите од централна Србија сѐ до Чачак.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …