Амнестија ќе изгласате, амнезија не можете

Пишува: Габриела Илиевска

И пак сме во она време од годината кога ги сумираме резултатите, се прашуваме што сме направиле, дали сме можеле нешто повеќе од постигнатото. Во ова турбулентно, напнато и летаргично живеење, депресијата стана заштитен знак на нашето секојдневие. И наместо претпразнично расположение, оптимизам, верба дека доаѓаат подобри времиња, во мене, а верувам и во поголемиот дел од битолчани, “работи“ песимизмот и изгубената надеж.

Од каде доаѓа песимизмот? Од простата логика дека од оние кои ти биле надеж и истата за рекордно кратко време ти ја уништиле, не можеш да очекуваш подобро утре.

Секојдневно ги слушаме коментарите “никогаш не било полошо“, а уште погласно оние кои го бранат она што не може да се одбрани, велејќи “со другите да не ви беше поубаво?“. Одговорот за сите нив е дека тогаш имавме надеж, а вие и неа успеавте да ни ја уништите. Ете тоа е она што е полошо.

Полошо е што сега не’ убедувате, дека тоа што признавате дека е загадено, ве амнестира од непреземањето мерки за решавање на тој проблем. Полошо е што не’ убедувате дека амнестија и помирување не е исто, дека партиските вработувања се нормална работа, дека листите за вработување направени во партиските штабови се начин за задржување на младите во државата. Дека тоа е нормално, дека секогаш така било…

Полошо е што непотизмот го одбележува вашето владеење, а полошо од се’ е што секоја реакција и јавна критика на начинот на кој ја практикувате власта, го дефинирате како “популизам, лицемерие и одработување за оние претходните“.

Во пресрет на Новата година, нам како на советници во општинскиот Совет ни презентирате буџет кој е направен во некоја канцеларија, во тесен круг на десетина луѓе кои ги гледале само личните и интересите на партијата. Во него има се’, освен приоритети кои се важни за граѓаните.

Во годината која изминува пишував, апелирав, имав надеж дека некој слуша, дека ќе разбудам нечија совест. Испадна дека скоро сите апели биле истрел во празно.

Политички феномен е за една година да успееш целиот гнев кој сме го имале кон претходната власт, да го завртиш против самиот себе, толку лесно и едноставно да го потрошиш тешко заработениот кредит. Ама ете, ни покажаа дека и тоа е можно.

На крај: и едните и другите, можете да се договорите и заедно да си изгласате амнестија, ама не можете и амнезија.

Сепак, Среќна Нова 2019 Година. Којзнае, можеби и ќе ни се посреќи!?

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …