Анализата на Порталб покажа дека ланската година, за нашите граѓани била сепак инфлациски тешка со оглед на тоа што на годишно ниво имаше ценовен раст кај голем дел од основните прехранбени производи
Годинава според проценките на Владата ќе биде „полабава“ ценовна година, со проектирана стапка на инфалција од 2,2 отсто. Ова оптимистичко сценарио сепак е засенето од старо-нови ризици, како што е војната во Украина, но и најавите на новиот претсеадател на САД Доналд Трамп, за воведување на царински и тарифни бариери за ЕУ и Кина.
Во меѓувреме, глобалниот индекс на храната се намалува, а кај нас, статистиката регистрираше пораст.
Најголем раст има на трошоците за овошје, зеленчук, шеќер, кафе
Според новите податоци од ФАО, ланската година во однос на 2023 та заврши со пад на индексот на цените на храната за 2,1 отсто. Во истиот анализиран период во земјава трошоците на живот само за храна се зголемени за 2,7 отсто.
Споредбената анализа што ја направи „Порталб“ преку податоците од Индексот на цените на кошницата на меѓународно тргувани прехранбени производи што го мери ФАО и Индексот на трошоци на живот на Државниот завод за статистика (ДЗС), покажува дека ланската година, за нашите граѓани била сепак инфлациски тешка со оглед на тоа што на годишно ниво имаше ценовен раст кај голем дел од основните прехранбени производи.
Индексот на цените на житариците во глобални рамки , на годишно ниво е намален за дури 13,3 отсто, а во земјава во истиот период трошоците за живот за леб и жита се зголемени за 0,8 отсто. Позначаен пад има на индексот на цената на шеќерот. На глобалниот пазар во 2024 та во однос на 2023 има намалување за 13,2 отсто, а во истиот период на домашниот пазар трошоците на живот за шеќер (мед, чоколада) се зголемени за 4,5 отсто.
Според податоците од ФАО, ланската година заврши со раст на индексот на цените на месото, млечните производи и на маслото. Кај овој вид на призводи и домашната статистика регистрираше пораст кој според проценките на власта ќе беше повисок доколу пред новогодишните празници не се изврши „притисок“ за намалување на цените. Новите сатистички податоци укажуваат на сеуште вртоглави цени на овошјето за 7,8 отсто и на зеленчукот за 7,5 отсто. Позначаен пораст за 7,2 отсто има кај кафето, потоа за 5,8 отсто кај безалкохолните пијалаци, за 9,7 отсто кај виното и 9 отсто кај тутунот.
Годинава ќе има ризична ценовна стабилизација
Домашните и странските финансиски институции прогнозираат дека во оваа година се очекува стабилизација на цените, која ќе резултира со пад на инфлацијата. И во новиот Извештај на НБРМ се нотира дека годинава цените на храната и на металите се очекува да се намалуваат, но под ризик од најавите на новиот претседател на САД Трамп за објавување на царинска „војна“ со Кина и со Европа.
„Во поглед на цените на металите и прехранбените производи, за наредната година се направени надолни корекции, додека кај цената на нафтата оцените се речиси непроменети во услови на неизвесност од најавените тарифи во САД, што би можело да доведе до зголемени геополитички тензии, особено со Кина и намалена побарувачка“, се наведува во извештајот.
Според новите буџетски проценки глобалната инфлација годинава ќе изнесува 4,3 отсто.
„Се очекува побрзо намалување кај развиените економии во споредба со земјите во развој. Сепак, при намалувањето на инфлацијата се очекуваат одредени предизвици. Иако цените на стоките се стабилизираат, цените на услугите остануваат на повисоко ниво во многу региони“, пишува во буџетот за 2025 година.
Минатата година, во споредба со претходната, трошоците на живот на ниво на државата се зголемиле за 3,5 отсто и ваквата стапка сепак се смета за „умерена“ со оглед на состојбата на „дивеење“ на инфлацијата во претходните години. Годинава според Владата домашната инфлација ќе се сведе на 2,2 отсто.
„Очекувањето за пониска инфлација е поддржано од проектираното стабилизирање на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација“, пишува во буџетскиот документ во кој сепак се нотирани и ризиците поврзани со сеуште активната војна во Украина која има влијание врз европските економии, пред се` врз Германија, која е наш стратешки извозен пазар, потоа конфликтот на Блискиот Исток како и продлабочување на гополитичките поделби поради најавите за нови трговски политики кои ќе донесат нови бариери при протокот на стоки и услуги.