Анализа: Може ли економијата да ги издржи изборните ветувања?

Анализа: Може ли економијата да ги издржи изборните ветувања?

Секои парламентарни избори во нашата земја носат ветувања за повисок животен стандард, а политичките партии ги фокусираат своите ветувања во доменот на вработувањата, платите, пензиите, социјалната помош и даноците, како алатки за директно зголемување на доходот на граѓаните и домаќинствата, и оттука, за директно влијание врз животниот стандард.

Вообичаено, ветувањата ги надминуваат реалните можности на економијата и државниот буџет, со цел да се привлечат што повеќе гласачи, но често и поради тоа што политичките партии немаат целосен и детален увид во бројките, доказите и реалните потенцијали на економијата.

Поради овие причини, Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс Тинк“ („Finance Think“) во најновата анализа ги врамува политичките ветувања во сферата на економијата во нивните разумни, возможни и потенцијални рамки, имајќи ги предвид досегашните економски движења, потенцијалот за раст и развој, ударот од кризата предизвикана од појавата и ширењето на корона вирусот и соодветниот капацитет на државниот буџет.

„Целта на акцијата е да изврши пресметки и симулации во даночно-социјалниот домен, а сврзани со политиките за кои политичките партии најавуваат промени и реформи во своите изборни програми. Поконкретно, ги симулираме предложените промени во следните домени: раст на просечната плата, раст на минималната плата, раст на пензиите и намалување на оптоварувањето со директни даноци“, велат од Институтот.

Оттаму додаваат дека просечната плата стана фокус на политичките партии во периодот околу 2015 година, при што нејзината застапеност во изборните програми се зголеми за време на парламентарните избори 2020 година. Во анализата порастот на платите е симулиран во две варијанти, послаб пораст (во која ефектот од ковид-19 е посилен и подолготраен) и посилен пораст (во која заздравувањето од ковид-19 е побрзо и пократкотрајно).

„Пресметаната нето просечна плата во 2024 се движи во распонот од 28.955 денари до 30.961 денари. Овие бројки се еквивалент на пораст на просечната плата, споредено со 2019, од 14,8 отсто до 22,8 отсто“, пишува во анализата.

За разлика од просечната плата, минималната плата е тема во програмите на политичките партии во подолг временски период, веројатно почнувајќи уште од нејзиното воведување во 2012 година.

Анализа: Може ли економијата да ги издржи изборните ветувања?

Пресметката на „Фајненс тинк“ врз однапред утврдени претпоставки покажува дека оптималното ниво на минималната нето плата во 2024 година е проценето на 16.228 денари (пораст од 11,9 отсто).

„Сепак, носителите на политиките може да креираат политика на минималната плата според движењата кај просечната плата (што претставува ендоген процес, во кој неопходна е внимателност врз движењето на цените). Во врска со овој метод, ги применуваме двете сценарија од погоре, односно проектираме раст на минималната плата зависно од развојот на кризата со ковид-19. Во тие сценарија, минималната плата би се движела од 17.149 денари до 17.978 денари, што споредено со 2019 е еднакво на пораст од 18,3 отсто до 24 отсто“, се вели во анализата.

Даночната политика остана скоро единствена економско-социјална политика за која постојат дивергентни изборни предлози.

Од „Фајненс тинк“ вршат проектирање на движењата кај буџетските приходи и јавниот долг за периодот 2021-2024 во услови на намалување на данокот на личен доход и данокот на добивка на 9 отсто во 2021 и 8 отсто од 2022 година натаму и елиминирање на данокот на личен доход за нови вработувања на млади лица од 15 до 29 во времетраење од 2 години.

Пресметките врз однапред утврдени претпоставки покажуваат дека изгубените буџетски приходи кај директните даноци се движат од 45 милиони евра во 2021 до 122 милиони евра во 2024, од кои околу 3,4 милиони евра во 2021 до 13,6 милиони евра во 2024 отпаѓа на делот за елиминирање на данокот на личен доход на нововработените млади. Износот на изгубените даночни приходи е еднаков на 1 отсто од БДП, или повеќе од третина од просечниот буџетски дефицит.

Анализа: Може ли економијата да ги издржи изборните ветувања?

Како резултат на предложените даночни промени, јавниот долг би бил повисок за 0,4 до 0,9 процентни поени годишно, што е спротивно на заложбата за фискална консолидација. Слично, буџетскиот дефицит, наместо во претпоставениот ранг од 2 до 2,5 отсто од БДП, би се искачил до 3 отсто.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договорот

Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договорот

Домашните компании чекаат какви ќе бидат условите за да ги користат парите од Унгарија. Од …