Андраш Бака ќе стане нов претседател на Унгарија

Андраш Бака ќе стане нов претседател на Унгарија

Андраш Бака беше разрешен од функцијата претседател на Врховниот суд за време на владеењето на Виктор Орбан, а подоцна успешно ја доби правната битка против унгарската држава. Сега тој ќе стане претседател на Унгарија, што претставува симболичен раскин со досегашниот политички поредок.

Унгарскиот претседател има претежно претставнички и симболични надлежности. Во членот 9 од Унгарскиот основен закон се наведува дека претседателот го изразува единството на нацијата и бдее над демократското функционирање на државните институции.

Унгарија сега добива претседател кој и самиот е симбол, а неговиот избор, предвиден за денешниот вторник (11.08.2026), воедно означува и симболичен крај на периодот на поранешниот премиер  Виктор Орбан,  кој владееше со земјата 16 години. Андраш Бака, роден во 1952 година, важи за еден од најценетите унгарски правници и судија кој успеа да го победи  државниот апарат на Орбан  во спорот околу реформите во судството.

Според неговата биографија, Бака најверојатно совесно ќе ја извршува улогата што му е доделена со членот 9 од Уставот. Новиот унгарски премиер Петер Маѓар и пратеничката група на неговата партија Тиса (Почит и слобода) јавно нагласуваат дека не сакаат функцијата претседател да ја извршува партиски политичар. Затоа номинацијата на Бака се смета и за силен аргумент против обвинувањата дека Маѓар има намера да воспостави самоволно владеење или да создаде „режим на Орбан 2.0″.

Зошто е потребен нов претседател?

Во Унгарија претседателот се избира во парламентот со двотретинско мнозинство. Бака беше номиниран од парламентарната група на Тиса дури минатата сабота (08.08.2026).

Причината за брзата номинација и избор е тоа што, по  разрешувањето на претседателот Тамаш Суљок  и завршувањето на неговиот мандат на 19 јули 2026 година, парламентот е обврзан во рок од еден месец да избере нов шеф на државата.

Иако унгарскиот претседател располага со многу ограничени извршни овластувања и не може трајно да ја попречува работата на владата, премиерот Петер Маѓар уште пред изборната победа во април  го претвори разрешувањето на Суљок во едно од своите главни политички прашања.  Тој постојано го нарекуваше Суљок „марионета на Орбан”.

Двајца мажи со сериозни изрази на лицата минуваат низ голема двокрилна врата; салата зад нив е богато украсена
Тамаш Суљок (десно) и премиерот Питер Маѓар на 12 мај 2026 година во Будимпешта

Една од причините за тоа е што подемот на Маѓар и партијата Тиса е директно поврзан со таканаречената афера со помилување на соучесник на сторители на педофилски кривични дела. Поради оваа афера, тогашната претседателка Каталин Новак беше принудена да поднесе оставка во февруари 2024 година. Токму тој случај беше повод за првите јавни настапи на Маѓар како дисидент од редовите на владејачката партија Фидес. Оттогаш Маѓар редовно го обвинуваше Суљок дека молчел во  бројни ситуации на неправда за време на владеењето на Орбан.

Совеста на нацијата

Иако унгарскиот претседател не е обврзан јавно да се произнесува за политички и општествени прашања, некои поранешни носители на функцијата често ја користеле таа можност.

Најзначаен пример е првиот посткомунистички претседател Арпад Генц, писател и антикомунистички борец. Во текот на 1990-тите години тој постојано предупредуваше на потребата од почитување на човековите права и демократските правила. Поради тоа, многумина го сметаа за „совеста на Унгарија”.

Фактот што Петер Маѓар во изминатите две години често тврдеше дека Суљок не успеал да биде совеста на нацијата, индиректно ќе биде и мерило според кое ќе се оценува мандатот на Андраш Бака.

Инаку, Бака не е човек на гласни политички истапи и релативно доцна станал јавен борец за своите ставови. Тој докторирал правни науки во 1978 година, а потоа работел на повеќе универзитети, дел и во странство, во областа на компаративното право.

Не бил противник на системот

Од средината на 1980-тите години Бака истражувал како се применуваат човековите и малцинските права во различни земји. Прашањето за малцинските права било особено актуелно поради грубите прекршувања на човековите права во Романија под диктатурата на Николае Чаушеску, при што погодено било и унгарското малцинство.

Сепак, Бака не бил отворен противник на комунистичката диктатура. Тој припаѓал на групата интелектуалци кои во релативно поотворената Унгарија во 1980-тите работеле на реформи во рамките на самиот систем.

Од 1988 година активно учествувал во академски синдикални иницијативи кои одиграле значајна улога во периодот на демократските промени. По првите слободни избори во 1990 година, како независен пратеник преку листата на конзервативниот Унгарски демократски форум (МДФ), кратко време бил член на парламентот.

Од 1991 година работел како судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во 2008 година, по два мандати во Стразбур, се вратил во Унгарија и бил избран за претседател на Врховниот суд.

Национална препознатливост стекна во 2011 година, кога владата на Орбан, во рамките на судските реформи, со правен маневар го отстрани од функцијата, најверојатно затоа што претходно критикувал дел од реформските планови.

Формално, Врховниот суд бил реорганизиран во институција наречена Курија, со што престанала да постои функцијата што ја извршувал Бака. Тој, сепак, останал судија.

Бака ја оспори својата смена пред Европскиот суд за човекови права и победи во 2016 година, иако никогаш не беше вратен на функцијата. Најважниот дел од пресудата, со кој унгарската држава беше обврзана да ја поништи судската реформа, никогаш не беше спроведен.

Не е човек на улични протести

До самиот крај Бака остана критичар на режимот на Орбан, но секогаш настапуваше од строго правна перспектива. Тој никогаш не организираше протести ниту се приклучуваше на улични демонстрации.

Образложувајќи ја неговата кандидатура за претседател, пратеничката група на Тиса соопшти:

„Андраш Бака во текот на целиот свој животен пат посветуваше особено значење на поделбата на власта и доследно се залагаше за владеење на правото и независност на судството. Неговата биографија претставува пример за посветеност на демократската правна држава и на уставните принципи.”

Како што се очекуваше, претставниците на Фидес остро ја критикуваа неговата номинација. Според нив, бидејќи разрешувањето на Шуљок во јули било незаконско, не може да постои ниту легитимен наследник.

Во кругови блиски до Фидес, како и во редовите на крајнодесничарската партија „Наша татковина”, Бака е обвинуван за „лицемерие”. Според нив, тој ја прифатил смената на Шуљок преку закон креиран специјално за конкретната личност, иако токму таквата практика ја критикувал во сопствениот случај.

Сепак, бројни коментатори истакнуваат дека постои суштинска разлика. Публицистот Габор Цене во весникот „Непсава” наведува:

„Тогашното разрешување на Бака беше еден од безбројните чекори кон уривање на правната држава. Неговиот избор за претседател помага во нејзината обнова.”

Будимпештанскиот институт „Политикал Кепитал”, еден од најреномираните независни политиколошки институти во Унгарија, во своја анализа ја сврте критиката на Фидес во спротивна насока.

Ако разрешувањето на Суљок е нелегитимно, прашуваат од институтот, како тогаш Фидес ја објаснува незаконската смена на Бака од претседателската функција во Врховниот суд?

„Ако тоа тогаш било во ред, каде е проблемот сега?”, наведува институтот.

Според нив, Андраш Бака нема да има лесна задача како претседател.

„Режимот на Орбан политички ја испразни од суштина и онака ограничената функција на претседателот. Сега Андраш Бака мора повторно да го изгради угледот на претседателската институција. За тоа ќе биде потребна повеќе политичка отколку правна работа. Сепак, неговите шанси се поголеми од шансите на кој било претседател избран за време на владеењето на Фидес.”

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Српски студенти следени со шпионскиот софтвер Пегаз, најавуваат правна битка

Српски студенти следени со шпионскиот софтвер Пегаз, најавуваат правна битка

Студентите кои го блокираат Универзитетот во Ниш соопштија дека дошле до шокантни сознанија дека израелскиот …