Ангела Меркел: „Крај на локдаунот не е решение“

Ангела Меркел: „Крај на локдаунот не е решение“

Германската канцеларка Ангела Меркел се појави на јавниот ТВ канал АРД за да го појасни курсот на владата во пандемијата на коронавирус. Рече дека е свесна за несигурноста кај граѓаните и апелираше да имаат трпение.

Канцеларката настапи пред ТВ камерите само 24 часа по т.н. самит за вакцинацијата во владиниот кабинет во Берлин, на кој учествуваа најважните претставници на политиката, науката и фармацијата. Тие констатираа дека бавното темпо на вакцинирањето против коронавирус нема скоро да се забрза, производителите не можат да лиферуваат повеќе вакцини или се врзани со договори за други држави.

Пораката беше отрезнувачка, па затоа објаснувањето за ненајавеното интервју на Меркелсиноќа е едноставно: канцеларката во овие денови мора да повикува на стрпливост кај граѓаните или барем да прикаже присутност. Зашто, она што германската политика го презема во поглед на пандемијата, многу луѓе ги остава целосно збунети.

Зошто на пример вакцинацијата во Израел, Велика Британија и во САД напредува со толку поголемо темпо отколку во ЕУ и во Германија? Меркел вели дека за вакцината на АстраЗенека во Велика Британија е издадена итна дозвола, но во Еропа е извршена нејзина темелна проверка, стандардна за вакви случаи: „Тоа не беше грешка, ние мора да запазуваме доверба“. Тоа пречесто се слуша од страна на владата. Но, зошто ЕУ беше значително побавна и очигледно со фармацевтските фирми лани испреговарала недоволно обврзувачки договори, Меркел и синоќа не даде одговор.

За ситуацијата во Германија –канцеларката не може да достави јасен план за вакцинација во следните месеци, колку брзо или бавно ќе се врши имунизирање на луѓето. Производителите истакнале дека продукцијата на вакцини се врши со полна пареа, а за точните количини не можат да дадат долгорочно цврсти ветувања. Меркел додаде. „Патем, ако пред една година, кога се појавија првите случаи кај нас, би ме прашале кога ќе имаме вакцина, не би прогнозирала дека ќе ја добиеме толку брзо!”

Мутациите можат да ја поматат сметката

Драстичните ограничувања кои моментно се воведени во Германија, забрана за контакти, затворените ресторани, кина и училишта, во меѓувреме ги исцрпуваат луѓето.

Некои набљудувачи сметаат дека рестрикциите може да бидат продолжени до април. Меркел во секој случај не објави поинаква, попозитивна порака: „Отворање за 14 дена, по што повторно би се нашле соочени со експоненцијален пораст, не би било решение“. Притоа, намалувањето на бројот на нови инфекции покажува дека мерките дејствуваат. „Тоа е добар успех, но уште немаме контрола над коронавирусот преку заводите за јавно здравје“, истакна канцеларката.

На тоа се надоврзува и неизвесноста предизвикана од мутациите на коронавирусот, кои можби се многу позаразни. Затоа, Меркел ја пофали дисциплината на мнозинството луѓе во Германија. Земјата е на добар пат, но: „Единствен ризик се мутациите од Велика Британија и од Јужна Африка да ни ја пореметат сметката, зашто се многу поагресивни.“

Меркел и ретките телевизиски интервјуа

Меркел всушност се смета за политичарка која поретко се обраќа во директен дијалог кон граѓаните. Во 2015 година, при доаѓањето посебно голем број бегалци во Германија, таа се појави неколку пати пред камерите за да одговара на прашања. Лани, за време на првиот локдаун, на крајот на март имаше забележителен настап и директно обраќање до населението. „Работата е сериозна и сфатете ја сериозно“ апелираше тогаш канцеларката. Во следните месеци постојано беше присутна на прес-конференции во владата по бројните средби со покраинските премиери.

Во јануари годинава неочекувано се појави на владина прес-конференција во Берлин, а сега на интервју за ТВ АРД. Канцеларката има важна молба до луѓето во Германија, да издржат уште малку. Значи, Меркел нема вистински позитивни пораки, но барем овие фрустрирачки прогнози лично ги пренесува.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Светските лидери ги осудија иранските напади врз Израел

Светските лидери ги осудија иранските напади врз Израел

Земјите ширум светот ги осудија нападите на Иран врз Израел доцна во саботата, предупредувајќи дека …