Ангеловска-Бежоска: Kурсот на денарот е стабилен, ширењето на шпекулации е на штета на граѓаните

Девизниот курс со години наназад е стабилен и ќе биде стабилен и во иднина. Гаранција за тоа е високото ниво на девизни резерви, но и многу други инструменти со коишто располага централната банка за коишто нема да се двоуми да ги употреби во одбрана на курсот, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за ТВ 24. Таа посочува дека стабилниот курс на денарот е најоптималната стратегија соодветна за нашата економија.

„Ова не е став само на Народната банка. Ова е став и на меѓународните финансиски институции. Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд јасно го даде својот став, во којшто посочи дека курсот на денарот е стабилен, дека стабилноста на курсот е клучното сидро на вкупната макроекономска стабилност, како и дека централната банка има соодветно ниво на девизни резерви за одбрана на стабилноста на курсот“, истакна гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочи дека стабилноста на курсот е клучната компонента кај вкупната макроекономска стабилност кај нас и е јавно добро од коешто секој граѓанин ги користи полезностите. Таа нагласи дека еден од предизвиците со коишто се соочи централната банка се шпекулациите, што за жал се јавуваа во повеќе наврати. Гувернерката додаде и дека секој граѓанин има општествена одговорност кон јавните добра, а ширењето шпекулации не е во ничиј интерес, напротив, тоа е на штета на граѓаните.

Таа посочи дека главниот инструмент со кој се брани стабилноста на курсот ‒ девизните резерви, се одржуваат на историски највисоко ниво.

„Според последните расположливи податоци, девизните резерви изнесуваат 3,5 милијарди евра, или околу 30 проценти од БДП. Само за илустрација, во периодот 2008 ‒ 2009 година, односно во глобалната финансиска криза, со која исто така успешно се справивме и кога ја задржавме стабилноста на денарот, нивото на девизните резерви беше 1,4 милијарди евра, додека нивното релативно учество во бруто домашниот производ изнесуваше околу 22%. Сите показатели според кои се оценува соодветноста на нивото на девизните резерви упатуваат на сосем соодветно ниво“, рече Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката додаде дека во 2020 година, кога започна пандемијата, Народната банка успеала да покрене регионална иницијатива на ниво на целиот Западен Балкан, за првпат во историјата, за да обезбеди пристап до девизна ликвидност од страна на Европската централна банка. Тоа значи дека ако ни е потреба дополнителна девизна ликвидност, можеме да се обратиме до Европската централна банка и да добиеме поддршка. Сепак, според Ангеловска-Бежоска, за тоа нема потреба бидејќи го поседуваме потребното ниво на девизни резерви.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Битиќи: Со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

„Добросостојбата на граѓаните е императив и тоа сме го докажале тоа, се во нашата програма …