Ангеловска-Бежоска: Поскапиот бензин нема да предизвика позначајна инфлација

Поскапиот бензин нема да предизвика позначајни инфлаторни притисоци и стапката на инфлација во земјава годинава нема да биде повисока од два проценти, одговори на новинарско прашање гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, на конференцијата која се одржува во Охрид.

Народна банка го очекувала растот на цените на нафтата на светските берзи, а се прогнозира дека тој тренд ќе продолжи и оваа година.

– За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд, а очекувањата се тоа да продолжи и оваа година – вели Ангеловска –  Бежоска.

Според неа, сепак не е исклучено дека скапите горива ќе имаат секундарен ефект врз другите производи, па Народна банка треба да го измери тоа влијание.

– Сепак многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на останатите производи па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафата, нашата проекција за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација – вели Ангеловска – Бежоска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …