Народна банка НБРСМ

Анкета на НБРМ: Инфлацијата стабилна, економијата годинава ќе оди во минус 4,3 отсто

Народната банка на Северна Македонија ги објави резултатите од анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на бруто домашниот производ, спроведена во септември годинава. Анкетираните економски аналитичари изјавиле дека и понатаму очекуваат умерена, ниска и стабилна инфлација, а во однос на економскиот раст, нивните очекувања се дека ќе има постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата во следните две години.

„Резултатите не упатуваат на позначителни промени за просечната стапка на инфлација. Поконкретно, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се речиси непроменети, во однос на претходната анкета од јуни и упатуваат на просечна стапка од 0,6 отсто во 2020 година, а за 2021 и 2022 година и натаму се очекува просечна инфлација од 1,3 отсто и 1,6 отсто. Оцените на анкетираните економски аналитичари упатуваат на ниска и стабилна инфлација, како до крајот на оваа година, така и во претстојниот двегодишен период, со постепен раст на цените“, стои во соопштението на НБРМ во врска со заклучоците од анкетата што Народната банка ја спроведува четири пати годишно и која ги претставуваат ставовите на економските аналитичари.

Тие изјавиле дека во следните две години очекуваат постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата. Годинава падот на економијата ќе биде подлабок, од 4,3 отсто, а нешто повисок економски раст ќе има во 2021 и 2022 година, 2,7 отсто и 3,4 отсто. Ваквите очекувања се поврзуваат со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот ковид-19 и можноста за воведување нови рестриктивни мерки, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и воздржаноста на странските и домашните инвеститори и пониската кредитна активност.

Анкетата покажала дека аналитичарите очекуваат оти преземените монетарни и фискални мерки, напредокот во евроатланските интеграции и оптимизмот за пронаоѓање на вакцината за справување со корона-вирусот, како и забрзаното остварување на капиталните проекти ќе имаат позитивно влијание врз економијата во наредниот период и ќе придонесат за забрзување на нејзиниот раст.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …