Апсурдноста на судската пракса околу снимените разговори

Пишува: адв.Жарко Стеваноски

Подготвителното рочиште за случајот на СЈО во врска со нарачаните шамари за градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски и насилните протести пред Општината кој се одвива во Кривичниот суд Скопје 1, отвори ново поглавје кај правосудната фела околу воспоставувањето на судска пракса во случаи кога станува збор за обвинети од ваков ранг и јавниот интерес проткаен низ поднесените обвиненија.

Во предметот кој се води против 14 лица, меѓу кои се и екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, на инсистирање на одбраната беа отфрлени барањата на СЈО како доказ да се користат прислушуваните разговори. Образложението кое го даде судијката Татјана Михајлова беше дека тие биле набавени на нелегален начин.

Ваквиот став на судијката Михајлова во најмала рака е паушален, нелогичен и неиздржан и тој пред се’ зависи од предмет на СЈО „Тврдина“, од чија разрешница ќе зависи и одговорот на прашањето „Дали бомбите можат да се користат како доказ во постапките иницирани од страна на СЈО пред Кривичниот суд?“.

Ако се има во предвид фактот дека, иако се’ уште недокажано но сепак сосема извесно, прислушувањето се вршело од страна на службени лица вработени во државни институции и органи на државниот апарат со такви овластувања, тогаш со право се поставува прашањето, врз основа на што судот цени дека снимените телефонски разговори биле прибавени на нелегален начин? Особено што до денес не е донесена правосилна судска одлука со која некое од службените лица правосилно е осудено за кривичното дело „Неовластено прислушување и тонско снимање“ по чл.151 од КЗ на РМ.

Од поинаква гледна точка, ставот на одбраната на Груевски и ставот на судот по однос на ова прашање се темелат на одредбата од чл.12 ст.2 од ЗКП, согласно која „доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“. Овде неминовно се поставуваат неколку прашања:

Во која постапка се потврди дека сите оние „бомби“, односно снимени разговори се прибавени на незаконит начин? На кого тоа му беа повредени слободите и правата со така снимените разговори? Дали прислушуваните разговори се произлезени врз основа на незаконско постапување на службени лица вработени во УБК, како би можел судот да тврди дека не можат да се користат како доказ во актуелните постапки против обвинетите?

Се додека не се даде одговор на погоре наведените прашања, СЈО има право, а судот има должност снимените разговори да ги изведе како доказ согласно одредбите од чл.250 од КЗ на РМ по однос на докажување на снимка како доказ:

„Фотографии, филмови или други аудио или визуелни снимки добиени со технички средства може да служат како доказ во кривичната постапка. Во однос на снимката се постапува како и со другите предмети кои можат да се употребат како доказ, водејќи сметка да не се оштети или уништи и да се сочува нејзината содржина во неизменет облик. По потреба ќе се преземат потребни мерки за да се зачува снимката во неизменет облик или да се изработи нејзина копија. Доколку поинаку не е пропишано со овој закон, содржината на снимката се утврдува со нејзино репродуцирање. Снимката ја репродуцираат стручни лица“. 

Во прилог на апсурдноста на ставот на судот околу (не)можноста да се изведуваат како доказ снимени разговори, повеќе од доволно говори веќе завршениот судски процес против дадилката која беше обвинета за малтретирање на деветмесечно бебе што ѝ било доверено на чување, во кој како доказ беше предложен, а од страна на судот целосно прифатен како доказ, видео запис од скриена камера во домот на родителите на малолетното дете за кој судот оцени дека може да се користи како доказ согласно чл.250 од КЗ на РМ.

Ваквиот став на судот по однос на (не)можноста во постапките пред судот да се користат како доказ снимените телефонски разговори, неминовно ќе доведе до потреба од идно повторување на судските постапки кои сега се водат, без претходно правосилно завршување на постапката „Тврдина“ во која неминовно ќе се докаже кој прислушувал, на каков начин прислушувал (законит или не) и кои лица биле (не)законито прислушувани, а се предмет на сегашните постапки. Без разлика дали се во својство на обвинети или оштетени.

И за крај: конечната разврска на сите спорни прашања можеби ќе одземе малку повеќе време во кое обвинетите ќе ја имаат привилегијата ноншалантно да дефилираат низ судските ходници. Меѓутоа фактот дека судската разврска ќе оди на нивна штета, преку изрекување на затворски казни за стореното кривично дело, е повеќе од сигурно!

Прочитајте повеќе

Рек Битола

Енергетската транзиција ќе нè ослободи од јагленот, загадениот воздух, но и од увозот на струја

Освен исфрлањето на фосилните горива транзицијата треба да ни донесе и намалување на зависноста од …