Аргентина–Англија: Фудбал, војна и „Божјата рака"

Аргентина–Англија: Фудбал, војна и „Божјата рака”

Секој што во Аргентина има потреба од потсетување на аргентинско-британската историја, во моментов може да го добие во кината. Таму се прикажува документарниот филм „El Partido“ („Натпреварот“), кој ја обработува и спортската и политичката историја на двете земји.

За првпат, поранешни играчи од аргентинската и англиската репрезентација заедно зборуваат за своите искуства од Светското првенство во 1986 година. Во филмот се вклучени и архивски интервјуа со Диего Марадона, кој почина во 2020 година.

„Тоа е само фудбал“, изјави Марадона за четвртфиналниот дуел меѓу Англија и Аргентина на Мундијалот во Мексико.

„Божјата рака“ и натпреварот што влезе во историјата

Натпреварот од 1986 година стана дел од фудбалската историја поради две причини.

Првата беше голот што Марадона го постигна со левата рака. Судијата не го забележа прекршокот и погодокот беше признат. Подоцна самиот Марадона изјави дека тоа била „Божјата рака“.

Само четири минути подоцна следеше уште еден легендарен момент. Со 37 чекори на околу 60 метри, Марадона помина покрај шест англиски играчи, вклучувајќи го и голманот, и го постигна голот за 2:0, кој и денес се смета за една од најспектакуларните индивидуални акции во историјата на фудбалот.

Во само еден натпревар беа постигнати најконтроверзниот и еден од најубавите голови во историјата на Светските првенства.

Неколку дена подоцна Аргентина стана светски шампион.

За многумина во Аргентина тоа претставуваше своевидна сатисфакција, вели навивачот Лукас од Буенос Аирес.

„Светското првенство во 1986 година се играше во сенката на Фолкландската војна“, вели тој.

Британски војник контролира аргентински заробеници по Фолкландската војна. април 1982
Британски војник контролира аргентински заробеници по Фолкландската војна 

Според него, титулата била големо олеснување за аргентинскиот народ поради политичките околности поврзани со Малвините, како што Аргентинците ги нарекуваат островите во јужниот Атлантик.

„Беше како да сме победиле цела држава, а не само фудбалска репрезентација“, напиша Марадона години подоцна во својата автобиографија.

И покрај обидите спортот да се одвои од политиката, тој додаде:

„Иако пред натпреварот тврдевме дека фудбалот нема врска со војната за Малвините, знаевме дека таму беа убиени многу аргентински момчиња. Тоа беше одмазда.“

Војна што и денес влијае врз односите

Во 1982 година Аргентина ги окупираше Фолкландските Острови, кои се наоѓаат на околу 500 ометри од аргентинскиот брег, но долго време се под британска управа.

Тогашната аргентинска воена хунта тврдеше дека островите се дел од аргентинската територија. Велика Британија реагираше со испраќање војска во јужниот Атлантик.

По десет недели војна, во која загинаа повеќе од 900 луѓе, британските сили повторно ја воспоставија контролата врз островите, а Аргентина капитулираше.

Според социологот Вероника Мореира, ова прашање и денес е исклучително важно за аргентинското општество.

„Тоа е отворена рана. За луѓето во Аргентина е невозможно натпреварите против Англија да ги одвојат од сеќавањето на војната во која загинаа многу млади луѓе“, вели таа.

Според актуелните анкети, меѓу 70 и 80 проценти од Аргентинците сметаат дека Велика Британија треба да и ги предаде островите на Аргентина.

Ист став има и аргентинскиот писател автор Андрес Бурго, чија книга послужи како основа за филмот „El Partido“.

„Аргентина има право на суверенитет кое ги надминува сите идеолошки разлики. Аргентинците бараат да ги добиеме Фолкландските Острови затоа што тоа е наша територија што Англичаните незаконски ја окупираат“, вели Бурго.

Лионел Меси го прославува голот против Египет во осминафиналето на СП во фудбал. јули 2026
Аргентинците се надеваат дека Меси ќе им донесе победа против Англија на СП 

Сепак, Мореира не верува дека такво сценарио е реално. Таа посочува дека за тоа би бил неопходен договор меѓу владите во Буенос Аирес и Лондон.

Ривалството има одраз и во аргентинската репрезентација.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои играчите во соблекувалната пеат песна со стиховите:

„Јас сум Аргентинец до коска, за Малвините, за Диего, за последниот Мундијал на Лео.“

Со песната тие се потсетуваат на Диего Марадона, на Лионел Меси и на спорните острови.

Играчот од средниот ред Родриго де Пол се обиде да направи разграничување меѓу политиката и спортот.

„Сите песни што ги пееме се и за нашите херои од Малвините. Но, тоа не е суштината во овој момент. Ова е фудбал. Прашањето за Малвините треба да се решава на друго место“, изјави тој.

Пред натпреварот, Аргентинците имаат уште една причина за оптимизам. Тимот ќе настапи во својата омилена темносина гостинска гарнитура, истиот дрес што го носеше генерацијата на Диего Марадона во победата над Англија на Светското првенство во 1986 година.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …