„Атлантида“ и „Тишината на реката“ добитници на „Златен був“ на 11. Филозофски филмски фестивал

„Атлантида“ и „Тишината на реката“ добитници на „Златен був“ на 11. Филозофски филмски фестивал

Вчеравечер во Кинотеката на С. Македонија со прогласување на добитниците на „Златен був“ заврши 11. Филозофски филмски фестивал. Во официјалната селекција на долгометражни филмови, стручното жири за добитник на „Златен був“ го прогласи „Атлантида“ на украинскиот режисер Валентин Васјанович.

Годинава, стручното жири додели и специјално признание во категоријата долгометражни филмови на филмот „Вдиши-издиши“ на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе, кој ги опишува убиствените предрасуди на еден провинциски град кон секого кој отстапува од веќе воспоставените норми.

Симпатиите на публиката ги освои долгометражниот филм „Авива“,  па заслужено „Златниот був“ отиде во рацете на американско-израелскиот режисер Боаз Јакин.

Во конкуренција на краткометражни филмови, жирито со „Златен був“ за најдобар краткометражен филм го награди перуанскиот филм „Тишината на реката“ на режисерката Франческа Канепа.

Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за дебитантски/студентски филм или филм со социјално ангажирана тема, награда востановена за прв пат минатата година во чест на проф. д-р Стефан Сидовски, жирито му го додели на киргистанскиот филм „Лулашката“ на режисерката Самара Сагинбаева.

„Златниот був“ од публиката во категоријата краткометражни филмови годинава отиде во рацете на францускиот режисер Иго Легуриерек за дистописката приказна „Пипо и слепата љубоф“.

На последниот ден од 11. Филозофски филмски фестивал, по прогласувањето на победничките филмови, публиката имаше можност да го проследи шпанскиот филм „Хаотичната Ана“ на режисерот Хулио Медем, последен во рамките на ревијалната програма „Филм-философија“. Воведно излагање кон филмот „Хаотичната Ана“ имаше проф. д-р Маја Мухиќ од Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово на тема За Ана и мистиката на жената низ визуелната реторика на Хулио Медем“.

Со доделувањето на наградите не завршува годинешното издание на фестивалот. Се организира и дополнителен сегмент „Ретроспектива Тарковски“ во соработка со Амбасадата на Руската федерација во Скопје, Кинотеката на С. Македонија, Меѓународниот Славјански универзитет „Г. Р. Державин“, Амбасадата на Шведска и Амбасадата на Италија во Скопје. Во рамките на Главната програма, публиката имаше ретка можност да ужива во првите студентски филмски остварувања на рускиот режисер Андреј Тарковски во најава на Ретроспективата.

Во периодот 10-20 јуни, во Скопје и Свети Николе, ќе се организираат проекции и на неговите седум долгометражни филмови „Ивановото детсто“ (1962) , „Андреј Рубљов“ (1966), „Соларис“ (1972), „Огледало“ (1975), „Сталкер“ (1979), „Носталгија“ (1983) и „Жртвопринесување (1986). Проекциите од „Ретроспективата Тарковски“ во Кинотеката од 10 до 19 јуни ќе бидат со слободен влез за сите заинтересирани посетители.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Игор Џамбазов feat. Sarah Mace & The Girlzz

„Ептен Љубовна“ – свежо музичко остварување со видеоспот, во изведба на Игор Џамбазов feat. Sarah Mace & The Girlzz

Вчеравечер, на YouTube каналот на Сара Мејс, премиерно беше објавен видеоспотот за најновото музичко остварување …