Со денешниот ден завршува изборната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025, а од полноќ започнува изборниот молк, кој ќе трае до 19:00 часот на 2 ноември 2025 година. Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), која е регулатор на медиумскиот простор, ги потсети медиумите дека не смеат да објават какви било содржини кои можат да влијаат врз одлуката на избирачите.
Во текот на изборниот молк, медиумите можат да продолжат да известуваат за текот на изборите и за денот на гласањето, но не смеат да емитуваат ниту објавуваат никакви облици на изборно медиумско претставување, односно содржини кои би можеле да влијаат врз одлуката на избирачите.
Според ААВМУ, ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку објават информации, фотографии, аудио или видеоматеријали поврзани со учесници во изборите, или какви било облици на известување што се отворено или прикриено во функција на нечии изборни интереси.
Исто така, за прекршување на молкот ќе се смета објавување податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти или поединци инволвирани во инциденти на денот на гласањето, како и изјави од кандидати, претставници на партии и функционери од органите на власта.
Агенцијата апелира до сите медиуми, почнувајќи од полноќ, да ја прилагодат својата програма и известување согласно правилата за изборен молк.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место