Автобусите на Мерлин

Автобусите на Мерлин

Автор: Ерол Шаќири, „Слободен печат“

Човек, читајќи такви коментари ќе си помисли дека ние не само што имаме „истенчен“ , префинет вкус за музика, туку дека ние всушност сме ја измислиле самата музика.

Колумнава требаше да биде за нешто сосема друго, но една монтажа (лажна вест) на социјалните мрежи каде беше наведен еден интернет портал, ме изнасмеа и ми ги изгуби мислите. Познавајќи го порталот за момент помислив и дека е вистинска вест. Имено лажната вест гласеше „За да го наполни плоштадот Дино Мерлин синоќа со автобуси носел публика од Босна“, недостига уште „делеше бесплатни сендвичи и пиво“ за да биде цела, реченицата.

Не бев присутен на концертот поради работни обврски некаде под ведрото афричко небо, но според сликите, снимките и зборовите на тие што присуствувале, дел мои блиски другари и семејство, настанот, концертот бил еден од најдобрите од осамостувањето. Не само според забавата, веселбата, посетеноста (над 60 илјади публика), туку и според успешната организација. Недели и недели пред новогодишниот концерт, уште веднаш по објавата на градските власти за тоа кој ќе ја забавува македонската публика на дочекот на новата година на социјалните мрежи започна еден жесток напад врз таквата одлука на организаторите. Во тој жар се изнакажаа и милион навреди за самиот пеач, уметник, музичката икона на балканските простори, Дино Мерлин. Неговата музика била шунд, тоа било врв на „сељачизмот“, неговото гостување било навреда за целата нација и таканатаму. Музиката со која порасна мојата генерација, генерации пред мене, а како гледам и генерации после мене да ти била шунд. Човек, читајќи такви коментари ќе си помисли дека ние не само што имаме „истенчен“ , префинет вкус за музика, туку дека ние всушност сме ја измислиле самата музика.

За вкусови не се расправа, но сепак не можам да не бидам дрзок и да се воздржам од коментар, односно да поставам прашање. Што е тоа добра музика според нас, односно според овие кои додека типкаат на тастатура и пишуваат коментари против Мерлин, во позадина оди песна со рефрен „саноќ јадат пијат се веселат, зора ги зорува, комшиите мајко на работа одат, Марко по кафаните“, или „куче лаје, а ја мислим ти си, отишо си а сарму пробо ниси“, односно „на кучи се оџак пуши, на тавану месо суши, а ја сам сељак у срце и души“?  Имаше и патриоти меѓу овие коментатори, овие во принцип слушаат само македонска или само албанска музика, па според тоа не може да ги забавува некој што не пее на нивниот јазик. Е сега оваа категорија на луѓе се дрзнаа да коментираат за музика, па тие музиката не ја сакаат, музиката која е универзален јазик за целиот свет овие не ја признаваат, се што е надвор од нивниот етнос за нив не е добро. Не ја признаваат музиката на другиот, а со тоа и културата на другиот, ова се класични етноцентристи, затоа со нив секоја расправа за музика е илузорна.

Сепак, мислам дека главниот мотив за критика кон Мерлин е организаторот на настанот. Познати сме веќе како нација по ширење на негативна енергија, по плукање на се и сешто, по негодувањето, незадоволството, така да во принцип расправа за музика, тип на музика, воопшто не е потребна. И кралот на рок енд ролот, или султанот на рок енд ролот што би рекол еден мој другар Турчин, Елвис Присли да го донесеа, пак ќе имаше негодување и плукање. И Виенска Филхармонија да гостуваше под диригентска палка на Зубен Мехта, повторно исто.  Тоа е нашата реалност, на жалост, нема врска ни со вкусот ни со музиката, туку со политиката. Но убаво што организаторот ги демантираше сите критичари на таквата одлука и концертот се претвори во мега настан и одлична забава за која ќе се зборува.

Целата колумна ТУКА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …