Aвтобусите со број 19 не сообраќаат бидејќи Град Скопје не им плаќа на превозниците

Автобусите со број 19, кои сообраќаат во рамки на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, се исклучени од сообраќај. Граѓаните се принудени да пешачат со километри за да фатат други линии со цел да стигнат до саканите дестинации. Според приватната компанија „Макекспрес“ која стопанисува со оваа линија, Град Скопје не им исплатил средства за превоз од февруари и заради тоа возачите еден по еден ги исклучувале автобусите. Велат, не можат да ги покријат трошоците, пишува Порталб.мк.

Автобуската линија 19, кој тргнува од Шуто Оризари до Карпош и обратно, е долга помеѓу 11,5 и 12 километри. Вчера попладне, како и денеска, автобусите не сообраќаа бидејќи Град Скопје, на чело со Данела Арсовска, не им исплаќа средства на сопствениците на автобусите.

„Бесплатни автобуси за сите граѓани“ – беше главниот проект на Арсовска, што таа го вети за време на изборната кампања, но 7 месеци откако победи на изборите, денеска граѓаните кои ја користат линијата 19 немаа можност да патуваат ниту со пари.

Поради ова во текот на вчерашниот ден, во време кога работниците се враќаат од работа, но и учениците од настава, десетици граѓани мораа да чекаат со часови 19-ка, која воопшто не дојде. Исто така, 19-ката не сообраќаше ниту утрово и граѓаните беа принудени да пешачат со километри за да патуваат со други автобуски линии, или да патуваат со такси, алтернатива која е многукратно поскапа.

Од компанијата „Макекспрес“ велат дека сопствениците на автобуси кои сообраќаат на оваа линија едноставно немаат финансиски средства за да работат.

„Не сме платени за февруари, исто март, април и еве сега е мај. Луѓето потрошија сè што имаа резерви и ги исклучуваат автобусите еден по еден, не затоа што сакаат, туку немаат можност. Од каде!? Треба да даваш од домашниот буџет! Финансиски не можеме да опстанеме“, велат за Порталб.мк од „Макекспрес“.

Ниту од Јавното сообраќајно претпријатие, ниту од Град Скопје не одговорија на прашањата на новинарите на Порталб, зошто овие средства не се исплатени, иако градот е обврзан да издвои пари од буџетот што го добива токму од граѓаните за финансирање на градскиот превоз, вклучувајќи ги и овие автобуси.

Граѓаните со месеци наназад се жалат дека автобусите со број 19 не се придржуваат до возниот ред и тоа создава хаос. Тоа го потврдуваат и од „Макекспрес“, објаснувајќи дека причината е што постепено се намалувал бројот на автобуси.

„Намалувањето почна од септември наваму. Сè се чувствува. Доволно е да недостасува еден автобус и да се створи гужва“, велат од претпријатието.

Според контролата што Порталб.мк ја спроведе последната недела, возниот ред на линијата 19 воопшто не се почитува. Според возниот ред објавен на веб-страницата на ЈСП, од 8 до 9 часот треба да циркулираат 8 автобуси, но всушност има само 3, или на секој половина час, во 8, 8.30 и 9 часот, со тоа што понекогаш и овие автобуси се случува воопшто да не дојдат.

Граѓаните се жалат дека нередовното сообраќање на оваа линија им прави проблеми во секојдневниот живот, односно одење и враќање од работа, училиште или болница.

„МАКЕКСПРЕС“ управува со 5 автобуски линии кои вршат јавен превоз, односно 19, 20, 22, 52 и 54.

Предупредуваат дека иста ситуација може да се случи и со другите линии, бидејќи не им се платени финансиските средства.

Инаку, од 2016 година во рамките на ЈСП сообраќаат и приватни автобуси. Според тогашната одлука на Советот на Град Скопје, им се плаќа 61 денар за изминат 1 километар.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поскапува за 2 денара, бензините остануваат со истата цена

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) донесе одлука за …