И покрај острите меѓународни реакции, продолжуваат лажните референдуми во четири региони во Украина кои се контролирани од Русија. Американскиот претседател Бајден се закани со „брзи и остри“ санкции.
Претставници на проруските власти во сепаратистичките украински региони Доњецк и Луганск, како и во јужноукраинските региони Херсон и Запорожје, собираат гласови за „референдумите“ одејќи од врата до врата. Местата за гласање во четирите региони треба да бидат отворени во вторник (27.09), на последниот ден од лажните референдуми.
Западот ги осуди „референдумите“ за припојување на четирите украински региони кон Русија како илегални. Се стравува од натамошна воена ескалација, затоа што Москва потоа може да ги оцени украинските напади во овие региони како напад врз нејзина територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака вчеравечер (23.09) изрази уверување дека меѓународната заедница ќе реагира соодветно на лажните референдуми. „Светот ќе реагира апсолутно соодветно на псевдореферендумите, тие ќе бидат недвосмислено осудени“, рече Зеленски.
Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се закани на Русија со остри санкции во случај на анексија на четирите региони. „Руските референдуми се фарса, изговор за обидот да се анектираат со сила делови од Украина, што претставува еклатантна повреда на меѓународното право“, изјави Бајден. Според него, САД работат заедно со своите сојузници и партнери на „брзи и остри“ економски санкции против Русија.
Извор: DW