Банкрот на „Томас Кук“ – кошмар за стотици илјади туристи

По банкротот на британскиот туристички концерн „Томас Кук“, сите авионски летови во негов аранжман се анулирани. Преку 600.000 туристи се заглавени низ светот, многумина од нив сведочат за драматични сцени во хотелите.

Најстариот туристички концерн во светот веќе нема пари. По разговорите со банките, доверителите и владини претставници во Лондон, британското претпријатие соопшти дека веднаш прекинува со работа. Пропаднаа обидите на компанијата, покрај веќе договорените позајмици од 900 милиони фунти (околу една милијарда евра) да и` се обезбедат дополнителни 226 милиони евра како спасувачки пакет.

Клиентите на „Томас Кук“ преку Твитер веќе јавуваат за драматични ситуации. Во Тунис, како што тврдат  туристи,  тие биле задржувани во хотелите, зашто хотелските менаџери стравувале дека нема да добијат пари од компанијата. Некои пак требало втор пат да платат зе сместувањето од своите кредитни картички.

Туроператорот, основан во 1841 година, со претпријатијата како „Некерман“ организира летувања во хотели, авионски летови и крстарења. Од вкупно 105 авиони во концернот, 58 летаат за германскиот „Кондор“. „Томас Кук“ во светот има преку 21.000 вработени во 16 држави, од кои близу 4500 во „Кондор“ во Германија. Во германската фирма-ќерка, без оглед на турбуленциите во концернот, засега оперативната работа се одвива нормално, но неизвесно е како инсолвентноста на матичниот концерн ќе се одрази врз профитабилната германска фирма.

Airbus | Thomas Cook (picture-alliance/dpa/TT NYHETSBYRÅN/J. Nilsson)

Синдикатите и Лабуристичката партија во Велика Британија претходно апелираа до владата да ја затвори финансиската дупка од 200 милиони фунти и да го спаси концернот, но министерот за надворешни работи Доминик Раб изјави: „Не посегнуваме системски по парите на даночните обврзници за да спасуваме претпријатија во криза, освен во случај да постои добар стратешки национален интерес од тоа.“ Владата сепак е подготвена да ги врати клиентите на „Томас Кук“ дома, доколку концернот колабира. Според БиБиСи, цивилната воздухопловна служба ЦАА ставила веќе на располагање бројни авиони во случај на итна потреба. Засегнати се околу 150.000 Британци, акцијата за нивно враќање би била најголема која се случила во историјата на земјата во мирнодопски услови.

Според расположливите податоци, во моментов околу 140. 000  германски туристи  се низ светот преку „Томас Кук“, натамошната продажба на аранжмани е запрена. Германската влада се`уште нема соопштено дали и какви мерки би презела за да ги врати нив дома. Во пракса, обично останатите авионски компании преземаат обврска да ги вратат туристите.

„Томас Кук“ се најде во незавидна состојба по отпишувањето милијарди евра долг на британска ќерка-фирма и по кризниот период за туристичката бранша. Во 2012 година банките со свеж капитал веќе му помогнаа на концернот да се спаси од неликвидност. Тоа е причината што „Томас Кук“ веќе седи на планина долгови и стенка под товарот на каматите. За разлика од првенецот во браншата, „ТУИ“, „Томас Кук“ настрада во поголема мера од несигурноста предизвикана од претстојниот Брегзит, што ја кочи желбата на Британците за патувања.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …