Barcelona Gipsy balKan Orchestra: Македонската музика отсекогаш била нешто посебно, нешто вечно

Бендот Barcelona Gipsy balKan Orchestra (БГКО) со прекрасната вокалистка Маргерита Абита го одушеви светот со преработката на песната „Море сокол пие“.

Таа, откако се придружи на бендот во ноември 2019 година донесе нови вкусови, свежа енергија и нова суштина на интернационалниот бенд. Сега, тие со ентузијазам чекорат кон нивната 10-годишнина, со објавени шест успешни студиски албуми. 2021 година ги врати на сцените во Шпанија, Полска, Франција, Италија, Србија, Албанија, Хрватска, Швајцарија и Турција, а расте и листата за нивните концерти и за 2022 година.

Минатиот месец тие го објавија првиот од серијата нови синглови и видеа. Македонската песна „Море сокол пие“ и уште во првата недела имаше повеќе од 70.000 прегледи на Јутуб каналот на бендот, каде што достигна 140.000 следбеници и повеќе од 75 милиони прегледи.

Од овој меѓународен бенд со музичари од Шпанија, Италија, Франција, Србија, Грција и Украина, доаѓаат најдобрите аранжмани, каде што секој инструмент има свое место и простор. Текстурите и бојата на мелодијата се фино измешани во полза на секоја песна, од соодветно евоцирање на емоции до френетичен транс ритам.

БГКО го сочинуваат Маргерита Абита (вокал, Италија), Матиа Скироса (хармоника, Италија), Џулиен Шанал (гитара), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Дани Карбонел (кларинет, Каталонија – Шпанија) и Олесандр Сора (виолина, Украина)/Пере Ноалск Туру (виолина, Каталонија – Шпанија), а Мета.мк имаше можност да разговара со Иван Ковачевиќ.

Тој рече дека секогаш избираат песни кои некако им ја допираат душата. „Македонската музика отсекогаш била нешто посебно, нешто вечно, а „Море сокол пие“ е една од тие песни. Допира директно до срцето!“

Инспирирани од природата и енергијата на уникатната мелодија БГКО обедини три земји за реализацијата на видеото на моќната интерпретација. Тие велат дека спотот ги претставува двете страни на Скадарското Езеро (Шкодер) низ очите на македонскиот сокол. Иако тие планирале да снимаат и во Македонија за време на нивниот престој во Охрид, каде што требаше да настапуваат пред концертот во Скадар, но за жал, тој концерт беше откажан, па биле приморани да го изменат сценариото.

„Колку и да звучи чудно, никогаш не сме имале официјален концерт во Македонија. Претпоставуваме дека ќе имаме 2 концерти во Скопската филхармонија во април 2020 година, но, како што можете да замислите, мораше да се откаже“ ни раскажа Иван. Сепак, тие имале можност да свират заедно со еден од виртуозите на македонската народната музика.

„Свиревме со нашиот голем пријател и еден од нашите ментори Ферус Мустафов во неговиот Мотел во Скопје далечната 2015 година. Тој „концерт“ беше екстра официјален, но, како и да е, одлично си поминавме таму!“ рече Иван.

„Музиката од Македонија е балканско богатство и се надеваме дека нашиот начин на нејзино разбирање може да донесе некоја поинаква перспектива на овој вековен начин на музичко изразување“, додаде тој во разговорот со Мета.мк.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …