Пишува: Зоран Милошески
Воопшто не ме интересира кој е виновен што наместо во затвор, Грујо со украдени пари се башари во Унгарија. И зошто, впрочем, мене или некој друг простосмртник во државата, би го интересирало кој дозволи клептоманот да избега од државава? Зошто нам, на обичните граѓани, треба да ни биде од животно значење прашањето, дали вината за бегството на Грујо ја има МВР, обвинителството, судот, или некој четврт?
Вистината е една: Грујо избега! И покрај сите индиции кои укажуваа на едно вакво сценарио, државата дозволи тој да ја избегне правдата. И тоа уште во нејзината почетна фаза, бидејќи пресудите кои допрва ќе следат за останатите предмети во кои е обвинет, сосема извесно ќе значат негово соочување со максимална затворска казна.
Бегството на водачот на злосторничкото здружување е срам за ВМРО-ДПМНЕ, но што е многу поважно, срам е за државата. И затоа, не е важно која од институциите, случајно или намерно, потфрлила во овој скандал од најшироки размери. Оти и МВР, и обвинителството, и судот, кои на еден или друг начин имаат одредена одговорност за скандалот без преседан, претставуваат столбови на една држава. На онаа иста држава, која се стреми да биде рамноправен член на големото европско семејство.
Срамот е уште поголем ако се знае дека бегството беше речиси најавено. И тоа го видоа сите, освен тие чија задача беше да се грижат за неселективно спроведување на правдата.
Цела деценија наназад, илјадници граѓани на нашата држава беа изложени на терор, насилство, обесправеност, борба за гола егзистенција и преживување. Само оној кој не го поминал пеколот на груевизмот, неговата најжестока и најнехумана форма, може да ги релативизира последиците кои тој ги остави зад себе. Овие кои што сега ги живееме, се оние краткорочните. Тие другите, пострашните, настанати како резултат на уништеното образование и здравство, погрешната политика со статусот на младите, загушениот слободен збор, ерозијата на моралните вредности… нивниот “домино ефект“ ќе го почувствуваме во скорешната иднина.
Ете затоа се случи “Шарената револуција“ – за да се стави крај на едно безумие, за да запре тонењето на државата, поигрувањето со човечки судбини, безмилосното пљачкосување на сѐ што значи материјално добро, одземањето на најмалата надеж во посреќно утре.
Со месеци ги “меревме“ улиците на градовите, по скопските булевари ги искинавме чевлите, марширавме со силна верба дека сѐ додека нема правда, нема да има ни мир. И потајно верувавме оти и едното, и другото, е можно и остварливо. Мирот навистина дојде, ама правдата – не. И сега? Во недостиг на правда, ќе исчезне ли и мирот?
Парите требаше да ги вратат, за злоделата да одговараат. И да си лежат. Се знаеше и кој, оти сите тие имаа име, презиме и конкретна вина: Гордана за едно, Мијалков за друго, Протоѓер за трето, Јанакиески за многу што, Груевски, како “глава“ на мафијата – за сѐ! За оние, пак, поситните “риби“ како битолското Двојче, прилепскиот Марјан, Стевчо Подржикоњ, мислевме оти воопшто и не се поставува прашањето дали и кога, туку колку ќе лежат? И, што добивме наместо тоа?
Тоа што со својот кукавичлук Грујо само ја потврди вината, што докажа дека е обична ситна душа, што ги остави на цедило своите довчерашни соработници, што ѝ нанесе тежок удар на партијата на која ѝ припаѓа, е слаба утеха за разочарувањето на граѓаните од незнаењето или несакањето на државата да се справи со криминалците од високите политички кругови. Јавноста не бара многу, ниту нешто надвор од законските рамки, туку само едно – доследно и ефикасно спроведување на законите. Ако за скандалот е виновно обвинителството, разрешете ги обвинителите. Ако е проблемот во судството, санкционирајте ги “сваровски“ судиите. Ако вината е во полицијата, реформирајте ја од корен. Зарем е толку тешко тоа да се направи?
Не сум приврзаник на теориите на заговор, затоа не верувам, не сакам да верувам во некакви тајни договори помеѓу домашните политички “елити“. Бидејќи, ако е тоа вистина, тогаш нема ни ронка надеж дека некогаш ќе нѐ биде. Ниту како народ, ниту како држава.
Довербата во институциите, уште повеќе во луѓето, тешко се стекнува а лесно се губи. Актуелната власт потроши многу “кредити“ во своето едноиполгодишно владеење, а бегството на Грујо само ја прели чашата. Јавноста сака конкретни и опипливи докази дека Владата не калкулира, не тактизира и не се пазари со криминалците од претходната власт. Од тие причини, барањето одговорност од виновниците за последниот скандал, нивно санкционирање и итно прочистување на сопствените редови од “каколот“, може да биде солидна основа за постепено враќање на “дебело“ разнишаната доверба кај граѓаните.
Сѐ освен тоа ќе значи продолжување на одот по патот на безнадежноста.