Бектеши за ДВ: Можно е намалување на цената на струјата

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ДВ уверува дека инфлацијата веќе нема да ги „шокира“ граѓаните. Инспекторите ќе ги „дисциплинираат“ трговците да нема злоупотреби, вели тој.

Новата Година нема да почне со поскапа струја, а први декември ќе донесенамалување на цените на основните прехранбени производи. Министерот за економја Крешник Бектеши во разговор за Дојче веле уверува дека Владата има решение за смирување на кризата. Бектеши најавува засилување на инспекциски контроли за да нема злоупотреби и тврди дека увозот на струја периодов била поевтина опција од домашното производство. Бектеши уверува дека Владата не ги запоставува плановите за инвестиции во енергетскиот сектор, но за ефектите сепак ќе треба да се почека.

ДВ: Господине Бектеши, најавувате дека граѓаните од 1 јануари нема да се соочат со повисоки сметки за електрична енергија. На што го темелите ова уверување?

Крешник Бектеши: Нема да има драстично зголемување на цената од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Согласно нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните.

ДВ: Соочени сме со рекордна инфлација за која многумина предупредуваат дека вината не треба да се бара исклучиво во надворешни фактори. Се согласувате ли со критиките дека добар дел од домашните производители нереално ги зголемија цените?

Крешник Бектеши: Стапката на инфлација бележи поинтензивен раст, отсликувајќи ги повисоките цени на примарните производи, но и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување. Ценовниот раст во Република Северна Македонија главно произлегува од фактори на страната на понудата, односно од порастот на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради војната во Украина и санкциите воведени кон Русија, со што дополнително се влошиja глобалните синџири на снабдување и пазарот на енергија. Ваквата ситуација има директен одраз врз цените на прехранбените производи, како и цените на горивата и електричната енергија, со оглед на тоа што храната и енергијата се клучните влезни компоненти. Иако растот на цените стана широко распространет, ценовните притисоци се на глобално ниво, базичната инфлација во Република Северна Македонија бележи силен раст оваа година, во однос на претходните години, растот на домашните цени има исклучиво влијание од растот на цените во земјите од кои го вршиме увозот. За да го ублажиме притисокот од растот на увозните цени, Владата на Република Северна Македонија во почетокот на март оваа година донесе мерка за ограничување на трговската маржа на основните прехранбени производи, која важи до крајот на оваа година. Дополнително на тоа, Владата презеде натамошен чекор на почетокот на ноември оваа година кон домашните производители на основните прехранбени производи, за субвенционирање на електричната енергија во нивното производство, сѐ додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија.

ДВ: Сепак, имаше критики дека и кај домашните трговци има вина, оти дел од цените нереално се зголемени. Затаи ли контролата или механизмите на државата за заштита на граѓаните и нивниот стандард?

Крешник Бектеши: Како што објаснив во претходното прашање, ценовните притисоци на глобално ниво сериозно се рефлектираат врз нашата економија. Од аспект на структурата, годишниот раст кај цените на храната главно произлегува од зголемените цени на лебот и житата, брашното, зеленчукот, маслото за јадење, месото, млекото, сирењето и јајцата, коишто сочинуваат околу три четвртини од порастот на цените на прехранбената компонента. Растот на домашните цени на храната е во согласност со ценовните движења на основните прехранбени производи на меѓународниот пазар. Поточно, повисоките цени на житните производи и суровото сончогледово масло се главно одраз на високиот раст на цените на житарките и суровото масло на светските берзи, при отежнато производство и извоз од Украина поради војната. Бидејќи кај поголемиот дел од овие производи се применува мерката за ограничена трговска маржа до 10%, Државниот пазарен инспекторат врши континуирани контроли кон трговците на големо и трговците на мало за почитување на мерката при утврдување на цените. Дополнителни контроли се очекуваат од 1 декември оваа година, кога ќе започне да се применува мерката за субвенционирање на електрична енергија.

ДВ: Очекувањата се дека цените на основните производи ќе се намалат за 10% поради договорот за поевтина струја за производителите преку ЕСМ. Сепак, дел од производителите не се оптимисти дека тоа навистина и ќе се случи, барем не пред Нова година и во износ колку што најавувате како Влада. Зошто ваква задршка кај дел од производителите?

Крешник Бектеши: Минатата недела остварив средба со поголемите домашни производители на основни прехранбени производи и нивните групации. Кај некои производители увозната компонента на храната има повисоко учество при формирање на цената, кај други пак е електричната енергија. Кај оние што е електричната енергија веќе се прават нови пресметки на цените според реална состојба на трошок, а не според „futures“ цената на електрична енергија. Кај нив побрзо може да се очекува корекција односно намалување на цените. Некои пак производители на млеко и леб веќе понудија на пазарот коригирана цена, што е за пофалба. Но, не треба тука да застанат. Од 1 декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци, додека трае кризната состојба, очекувам врз основа на постојани пресметки на трошоците од увозните цени на храна и субвнеционирани цени на електричната енергија, како и берзанските цени кои веќе се во мирување, да продолжи намалувањето на цените на реална основа во интерес на потрошувачите. Намалување за 10% е реално да очекуваме.

ДВ: Периодов сме сведоци на неработење на клучните електроенергетски капацитети што се надоместува со увоз на струја. Како се доведовме до ваква состојба? Како одеднаш струјата од увоз стана поевтина од производството на електрична енергија дома?

Крешник Бектеши: За одржување на кондицијата и флексибилноста на електроенергетскиот ситем потребно е стратешко планирање на краток, среден и долг рок и донесување на соодветни стратешки одлуки. Во претходниот период за жал не биле преземени соодветни одлуки и тоа што е пропуштено во моментов се одразува на состојбите. Цените на берзите во ноември се движат од 170 до 230 EUR/MWh, што релативно се совпаѓа и со цената на енергијата од ТЕЦ Неготино од една страна, а од друга страна стратешки подобра одлука е да се купи енергија по овие цени сега, отколку да се користи хидропотенцијалот од големите хидроелектрани, со оглед дека претстои зимски период во кој цените на берзите очекувано е да имаат нагорен тренд.

ДВ: Македонија и регионот се фокусираат кон енергетска диверзификација и транзиција кон чисти извори на енергија. Се зборува за еден вид на влог во иднината. Каде е државата на овој план?

Крешник Бектеши: Во изминатиот период евидентен е зголемениот интерес за инвестирање во чисти извори на енергија. Ние како држава реализиравме повеќе јавни повици за инвестирање во производство на електрична енергија од фотонапонски централи, како на државно, така и на приватно земјиште. Во моментот имаме инсталирна моќност за производство на електрична енергија и тоа од ветерна централа 36,8 MW, фотонапонски централи – 121 MW, биогас – 8,9 MW. Неодамна беше пуштена во пробна работа фотонапонската централа во Осломеј со инсталиран капацитет од 10МW, а едновремено би сакал да истакнам дека оваа година претставува значаен патоказ дека сме фокусирани на транзиција кон чиста енергија и на местото на термоелектраните и ставаме во функција централи за производство на енергија од обновливи извори, поконкретно најголем дел се фотонапонските електроцентрали. Особено важна е измената на Правилникот за обновливи извори на енергија со која дадовме можност потрошувачите производители (просумери) да можат да го предаваат вишокот на произведената електрична енергијаи доколку се снабдуваат од снабдувачи на отворен пазар, а не само од ЕВН Хоме како што беше претходно. Според добиените податоци од ЕВН, заклучно со октомври оваа година на системот има вкупно 158 приклучени просумери до 6 kW со инсталирана моќност од 888 kW. Приклучените просумери над 6 KW, а помалку од 40 KW, се 239, со вкупна моќност 4156 KW. Во однос на одобрените барања за 2022 во моментов немаме целосен извештај, односно има вкупно 11 барања кои се одобрени со вкупно инсталирана моќност од 312 КW. Значајно е да се напомене дека за 2022 има вкупно 96 барања со инсталирана моќност над 40 KW, односно вкупно моќност од 20 MW, а овие производители произведената електрична енергија ја користат само за своите потреби. Според податоците добиени од Регулаторната комисија за енергетика, евидентно е зголемен бројот на барања за издавање на лиценци за производство на електрична енергија за фотонапонски електроцентрали, односно за 75,4475 MW се издадени трајни лиценци само во 2022 година, а во постапка се уште – 47,3891 MW. Дополнително во планот на ЕСМ е предвидено изградба на дополнителни капацитети за производство на електрична енергија од ветер од 63MW до крајот на 2024 година, како и изградба на уште 527MW инсталирана моќност за производство на електрична енергија од фотонапонски централи до крајот на 2025 година.

ДВ: Можеме ли реално сами да го направиме овој чекор? Низ годиниве сепак демонстрираме слаби капацитети за реализација на позначајни енергетски проекти. Каде е проблемот?

Крешник Бектеши: Главната реформа ја направивме со Законот за енергетика. Овој закон ги дефинира политиките и мерките кои ги преземаме во континуитет. Спроведовме три тендерски постапки за доделување на премии на државно и приватно земјиште. Резултатите се веќе видливи, над 30 MW инсталиран капаците фотонапонски електроцентрали со поддршка од државниот буџет веќе се пуштени во работа, пред истекот на рокот од 3 години, како што беше зададен во тендерската документација.

ДВ: Честопати сте критикувани како Влада дека недоволно сте посветени на модернизацијата и изградбата на домашните енергетски капацитети. Може ли конкретно да се очекуваат некакви промени на овој план? На пример, дали може конечно да очекуваме историските Чебрен и Галиште да станат и реалност?

Крешник Бектеши: Со цел да се зголеми складирањето енергија и флексибилноста на системот, меѓу врвните приоритети е изградбата на хидроцентралата Чебрен, како пумпано акумулациона централа, која ќе служи за складирање на енергија и во голем дел ќе помогне за балансирање на системот. Крајниот рок за поднесување понуди беше 7 септември 2022 година. Комисијата за спроведување на постапка прави евалуација на пристигнатите понуди и по завршување на процесот на евалуација Владата ќе донесе одлука за избор на најповолен понудувач.

ДВ: До каде е реализацијата на нашиот дел од активностите за поврзување со капацитетот во Александрополис?

Крешник Бектеши: Владата има зацртана стратешка определба да ја подобри диверзификацијата во снабдувањето со природен гас. Во оваа насока е и одлуката на Владата за давање на согласност за вложувањето во ЛНГ Терминалот Александрополис од страна на АД НЕР. За деталите на овој проект е потпишан договор за доверлвост на податоците.

ДВ: Кога можеме да очекуваме да протече гас низ гасоводот кон Грција?

Крешник Бектеши: За интерконекцискиот вод кон Република Грција, се очекува изградбата да започне во јуни 2023 година и истата да заврши во 2025 година. Останатите две интерконекции, со Србија и со Косово, се во фаза на изработка на проектна документација, односно физибилити студија и стратешка оценка на влијанието на животна средина. Сите погоре наведени интерконекции имаат статус на PECI односно PMI, што е предуслов за нивната реализација.

ДВ: Има ли проблеми или предизвици кои го кочат овој процес?

Крешник Бектеши: Сега-засега нема посуштински проблеми. Се надевам дека Министерството за транспорт и врски ќе одговори навремено во постапките за издавањето на градежната дозвола, а на крај и со дозволата за употреба.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Задолжителна стерилизација, гробишта за миленици, полиција за животни – новиот предлог закон влезе во Собрание

Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а …