„Бела чао“ за Виктор Орбан

„Бела чао“ за Виктор Орбан

За унгарскиот премиер неговата земја е веќе многу мала. Орбан дели пораки за иднината на континентот, како неговите Патриоти за Европа ќе го преземат Брисел и ќе ја направат Европа повторно голема.

Пишува Љупчо Поповски

Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, имаше луцидна забелешка кога во пленарната сала во средата дел од левичарските пратеници ја запеаја „Бела чао“ за време на обраќањето и одговорите на  унгарскиот премиер Виктор Орбан.  Мецола рече: „Ова не е Евровизија“.

Точно, Европскиот парламент не е Евровизија, но вакви „инциденти“ во европскиот законодавен дом имало многу досега. Неговата работа воопшто не е стерилна (како што многумина замислуваат овде), повремено има извонредна напнатост, идеолошки пресметки, ораторски натпревари.

Зошто тогаш „Бела чао“ насочена кон Орбан предизвика поголемо внимание во европската јавност? Антифашистичката „Бела чао“ не одекнува само секоја година на 25 април низ Италија за да го одбележи крајот на фашистичката диктатура на Бенито Мусолини и германската нацистичка окупација. Последниве години тоа беше химна на антивладините протести во Иран, особено по убиството на девојката Неда; беше скандирана на барикадите во Украина, испеана од демонстранти за правата на жените во Полска и незаконски емитувана од минарињата на џамиите во Турција.

Од Чиле до Хонгконг, од „Окупирајте го Волстрит“ до „Петок за иднината“, стана врвен музички израз на копнежот за слобода.

Пеењето на „Бела чао“ беше само затворање на кругот од последните денови што го црташе  Виктор Орбан,  а кој заврши во Европскиот парламент со неговиот говор за унгарското претседателство во генерално непријателска атмосфера. Не беше само претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која упати тешки зборови кон Орбан, туку и преставниците на сите политички групи, освен новоформирана Патриоти за Европа, во која се екстремните десничари.

Цртањето на тој круг почна викендот пред Орбан да замине во Стразбур со веселбата на екстремните десничари во Италија, продолжи со маратонската прес-конференција на Орбан во вторникот во Стразбур и заврши со обраќањето пред европратениците. На прес-конференцијата Орбан изјави дека ќе отвори „неколку шишиња шампањско“ доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа следниот месец, нагласувајќи ги неговите разлики со главните европски лидери.

Шампањско ако победи Трамп

Унгарскиот премиер  треба да биде домаќин на колегите лидери на ЕУ на самитот во Будимпешта неколку дена по американските претседателски избори на 5 ноември.

„Ќе отвориме неколку шишиња шампањско ако Трамп се врати“, рече Орбан во вторникот. Зборувајќи со новинарите, Орбан не се покаја за неговите таканаречени мировни мисии во текот на летото, кои вклучуваа посети на Москва, Пекинг и резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго, а од кои се дистанцираше Европската унија, иако тој сега претседава со неа.

Пристапот на ЕУ кон Украина е „глупав“, тврдеше тој, бидејќи војната не може да се добие на бојното поле и мора да има преговори. „Лично силно сум убеден дека нема решение на бојното поле и мислам дека стратегијата што ја следиме како Европска унија не е добра… тоа што го правиме е само губење, губење, губење и губење“, додаде тој.

Факт е дека Виктор Орбан сега ја има помалата функција – премиер на Унгарија, туку има поголемо место – еден од духовните водачи на европската екстремна десница. Токму поради тоа на Унгарија моментално ѝ се посветува многу повеќе внимание отколку што една земја со слична големина обично добива сама.

За време на викендот, тој отпатува во Италија, во малечкиот град Понтида кај Бергамо, на годишниот конгрес на партијата Лига на Матео Салвини. Со него беа неговата сопруга и историчарката Марија Шмит. Јадеше вкусна храна, одржа говор стоејќи пред голема толпа. Тој ги имаше покрај него оние што му требаа – Холанѓанецот Герт Вилдерс и Португалецот Андре Вентура. И тогаш и во Европскиот парламент тој размислува само во однос на континентот. Како одат неговите размислувања? Еве дел од нив што самиот подоцна ги сподели:

„Не треба да се повлечеме од Брисел, мораме да влеземе во него, Брисел мора да се заземе: мора да се одземе од бирократите и да му се врати на европскиот народ.

1. Го направивме првиот чекор, во Италија се формираше десничарска влада.

2. Го направивме вториот чекор, Вилдерс победи во Холандија.

3. Го направивме третиот чекор, Кикл победи во Австрија.

4. Го направивме четвртиот чекор, Бабиш победи на изборите за чешкиот Сенат.

5. Го направивме петтиот чекор формирајќи ја групата Патриоти, третата по големина група во Европскиот парламент.

Сега ја зајакнуваме европската Партија на патриотите и одиме напред по патот на обединување на десницата во Европа.

Нема запирање. На крајот на борбата, Париз ќе биде свртен, ќе ја вратиме Варшава и ќе станеме најголемата политичка сила во Европа. Тогаш ќе ја преземеме политиката на Брисел и ќе ја направиме Европа голема, силна, безбедна, богата и слободна повторно!“

Копнежот на Орбан да биде господар на Европа

Факт е дека во Европа има промена кон (екстремната) десница и дека партиите на континентот, кои се сметаа за екстремни пред неколку години, сега често се дел од мејнстримот. Но тоа не значи дека Виктор Орбан е мејнстримот или господарот на Европа: кога отиде да држи часови во Италија тој беше на конгресот на партијата која освои 8 проценти на изборите во Италија и 9 проценти на европските избори. Вилдерс навистина победи во Холандија, всушност неговата партија, а тој самиот не стана премиер, туку за таа функција беше пронајден поранешен член на Лабуристичката партија со социјалдемократско потекло и поранешен шеф на тајните служби. Партијата на слободата на Херберт Кикл победи во Австрија, иако не е сигурно дека ќе може да формира влада. Сите други австриски партии одбиваат да прават коалиција со него. Андреј Бабиш навистина победи на изборите за Сенатот во Чешка, но тој и натаму е во опозиција. Последниот факт е можеби најинтересен:  Орбан заборава дека тој и натаму седи сам во Европскиот совет, кој има многу поголема тежина од Европскиот парламент, бидејќи тој е единствениот политичар на власт од групата Патриоти за Европа.

Прочитајте повеќе

Скопје и Софија пред нов обид за обновување на дијалогот

Скопје и Софија пред нов обид за обновување на дијалогот

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски,и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова се …