Белингкет: Руските обиди за влијание во Северна Македонија

Белингкет: Руските обиди за влијание во Северна Македонија

Во текст насловен „Russian interference in North Macedonia: A View Before the Elections“ (Руското мешање во Северна Македонија: Еден поглед пред изборите“, објавен од познатиот портал за истражувачко новинарство „Bellingcat“ (Белингкет), а напишан од авторот Јордан Цалов, со поддршка од Journalismfund.eu, се изнесуваат голем број информации и се разработуваат руските влијанија врз донесувањето одлуки во земјава.

Во почетокот на текстот се посочува дека најновата членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, Северна Македонија има една од најлошите стапки на корупција во Европа, според Индексот за перцепција за корупцијата на Транспаренси Интернешенел и важи за една од земјите со „најмалку развиената политичка култура во Европа“, според Индексот на демократија на „Економист“.

„Згора на сè, Северна Македонија продолжува со своите амбиции да ја зајакне економската соработка со Русија, и, како што посочи амбасадорката на САД во НАТО, Кејт Бејли Хачинсон во текот епидемијата на ковид-19, земјата е под сериозно влијание на обемна дезинформациска кампања од Москва и Пекинг, но прави многу малку за да се спротивстави на таа пропаганда“, пишува Цалов во текстот објавен на Белингкет.

Бурен пат кон интеграцијата со Западот

„Пред да застане на својот Западен курс, Северна Македонија една деценија беше во стегите на авторитаристички лидер – претседателот на националистичката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој интензивно поттикнуваше внатрешни поделби меѓу христијанското мнозинство и муслиманското албанско малцинство, како и конфликти со најголемиот дел од соседите – Грција, Бугарија и Албанија. Тоа им одговараше на интересите на Кремљ. Од една страна, спорот за името со Грција го направи невозможно приклучувањето на Скопје во ЕУ и НАТО, а од друга страна, авторитаризмот и национализмот на Груевски ѝ овозможи на Русија да биде еден од главните поддржувачи на неговиот режим. Како што и се очекуваше, со падот на Груевски почна и руската кампања против какви било промени на статус квото“, се вели на почетокот на анализата на Белингкет.

Објаснувајќи ја смената на власта во 2017 година, анализата посочува дека по Крвавиот четврток, идниот премиер Зоран Заев порачал оти има докази за руско влијание на она што го нарече „обид на Москва да оствари влијание“ во Северна Македонија и ја споредил состојбата со обидот за државен удар една година претходно во Црна Гора, каде што обвинителството покрена обвиненија против двајца офицери на ГРУ, руското воено разузнавање.

„Иако обидот за државен удар во Црна Гора беше осуетен, кампањата за влијание во Македонија тукушто почнуваше, со фокус на спорот за името на Македонија со Грција… Кога Заев и неговиот колега од Атина, Алексис Ципрас конечно се договорија да ја разрешат децениската контроверзија, една разнолика група руски агенти, во распон од шпиони до бизнисмени поврзани со Кремљ, почнаа кампања во обид да ги разнишаат овие дипломатски напори. Во јули 2018 година, неколку седмици по потпишувањето на Преспанскиот договор, Атина протера двајца руски дипломати за поттикнување противење на договорот во земјата. Тоа се случи и покрај релативно пријателската политика на Грција кон Русија. Само четири месеци претходно Ципрас одби да изгони дипломати поради случајот со труењето на Скрипаљови“, пишува Белингкет.

Понатаму во текстот се вели дека тогашниот премиер Заев изразил загриженост за напорите на грчко-руски бизнисмен, поранешен пратеник од владејачката партија во Русија, Обединета Русија, да поттикне националистички револт во земјата. Овој бизнисмен, Иван Савидис, беше обвинуван за потплатување десничарски настроени државјани на Македонија и фудбалски хулигани, како и припадници на свештенството и на власта во Грција заради распламтување и спротивставување на Договорот од Преспа. И разузнавањето на САД успеа да фати комуникации кои покажуваат дека Савидис работел како „маша“ на Кремљ, како што пишуваше „Њујоркс Тајмс“.

„Во јуни 2018 година, откако во Скопје се случија насилни демонстрации против договорот, истражувачки новинари дојдоа до докази дека Савидис обезбедил најмалку 300.000 евра за поттикнување спротивставување на договорот, вклучувајќи ја тука и кампањата на социјалните мрежи чија цел беше да се намали излезноста на референдумот во септември за промената на името. Во насилствата учествуваа и хулигани, навивачи на фудбалскиот клуб Вардар, кој е во сопственост на рускиот милионер Сергеј Самсоненко, кој живее во Скопје. На крајот, излезноста беше под 50 отсто, што беше прагот за резултатите од референдумот да бидат обврзувачки. Колку сето ова се должи на руското влијание е тешко да се каже, но е многу важно да се посочи дека голем дел од националистичката пропаганда се распламтува, а во некои случаи и се создава од Кремљ“, се вели во анализата на Цалов објавена на „Белингкет“.

Активни мерки: една деценија заробена држава

Анализата потоа посочува дека во 2017 година, Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) и неговите партнери обезбедиле голем број разузнавачки документи што докажуваат дека руските шпиони и дипломати биле вклучени во речиси една деценија долги напори да шират пропаганда и да поттикнуваат несогласувања во Македонија, како дел од регионалните напори да се спречат балканските земји да се приклучат на НАТО и ЕУ.

Според брифинг на македонското контраразузнавање од 2017 година, во текот на девет години земјата „искусувала силна субверзивна пропаганда и разузнавачки напори остварувани преку амбасадата на Руската федерација (РГ). Руските операции почнале во 2008 година, кога Македонија беше блокирана да се приклучи на НАТО поради спорот за името со Грција“, пишува Белингкет.

Овој документ, подготвен за Владимир Атанасовски, директор на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање вели „Со користење на средства и методи на т.н. ‘мека сила’, како дел од стратегијата на РФ на Балканот, целта е да се изолира земјата (Македонија) од влијанието на Западот“, и наведува неколку начини на кои Кремљ се обидува да го оствари влијанието:

– Руската надворешна политика во тесна врска со енергетската стратегија на Кремљ, чија цел е да се контролираат стратегиските енергетски ресурси преку партнерство со балканските земји. На пример, руската компанија „Стројтрансгаз“ почна изградба на гасовод во земјата во 2015 година, за да ја задржи Македонија во руската енергетска сфера.

– Руските разузнавачки активности се спроведуваат преку нивната амбасада во Скопје од тројца агенти на рускиот Сервис за странско разузнавање (СВР), надгледуван од станицата во српскиот главен град Белград, како и од четворица агенти на ГРУ, координирани од Софија. Покрај тоа, Кремљ постави и локален тим од руската новинска агенција ТАСС и „Россотрудничество“ и од почесните конзулати во Битола и Охрид како „разузнавачки бази“.

– Обиди да се регрутираат припадници на македонската армија и полиција, во обид да се создаде „критична маса воено-обучени припадници, кои во одреден политички момент или ситуација би биле искористени за постигнување на руските интерес“.

– Обиди да се влијае на македонските медиуми и да се финансираат, вклучувајќи ги оние наменети за албанското малцинство во земјата, за да се распространуваат „информации и дезинформации“ за поддршка на целите на руската политика.

„Покрај тоа, имаше значително засилување на руското културно влијание во земјата, со пропагирање на „панславјанскиот“ идентитет и заедничката Православна вера, при што се создадени околу 30 македонско-руски здруженија за соработка, отворање на Руски културен центар во Скопје и спонзорирање на изградба на цркви во руски стил низ земјата“, пишува Белингкет, изнесувајќи детали од документот подготвен за директорот на УБК.

Како што наведува Цалов во анализата, друг аспект било широкото економско влијание, кое не е ограничено само на енергетскиот сектор. „Додека руското политичко влијание има за цел да ги искористи слабостите на општествата во Централна и Источна Европа и да ги еродира либералните институции, руското економско влијание се обидува да манипулира со динамиките на пазарот во регионот и да ги искористи дупките во системот на владеење за да создаде нефер профити и да влијае на донесувањето одлуки во земјите“, се вели во „The Kremlin Playbook“, извештајот на Center for Strategic and International Studies (Центарот за стратегиски и меѓународни студии).

Како пример што се посочува од Белингкет е рударската компанија „Солвеј Груп“: „иако е претставена како група со швајцарска сопственост а контролирана од Естонец, има пуштено економски корени во компании од металургијата и финансиските услуги во Русија, од кои некои се поврзани со кругови блиски до Владимир Путин. „Солвеј Груп“ е вклученa во многу проекти за засилување на руските интереси – до тоа ниво што и владата во Москва лобирала за нив, нарекувајќи ги „руски инвестиции“. Сепак, иако СДСМ се сврте кон Запад на стратегиско ниво, изгледа дека ја остави отворена вратата за руските корпоративни интереси. Оваа партија се залагаше против нови рудници и од 2017 ги поништи концесиите на четири компании од Запад, сепак „Солвеј Груп“ беше поштедена и доби дозвола да продолжи да оперира уште 10 години“, пишува Белингкет.

Шпион за сите времиња

Понатаму во текстот се вели дека во април 2017 година, рускиот амбасадор Олег Шчербак се сретнал со високиот функционер во македонското министерство за надворешни работи, Ненад Колев, и наводно му кажал дека целта на Русија е да „создаде појас од воено неутрални земји“ на Балканот, што ги подразбирало Црна Гора, БиХ, Македонија и Србија, како што покажуваат документите од државната безбедност обезбедени од OCCRP.

„Тешко оти станува збор за коинциденција тоа што токму во овие земји во кои оперирал еден од неодамна раскринканите агенти на ГРУ, Владислав Филипов. Моментално воен аташе во руската амбасада во Сараево, Филипов беше вклучен во речиси една деценија шпионски активности во регионот“, продолжува Белингкет.

Според авторот на текстот, Филипов во Македонија првпат дошол во 2009 година. Во 2012 бил испратен во Албанија и потоа изгонет од Владата како дел од меѓународната акција во врска со труењето на Скрипаљови. Косовскиот јавен радиодифузен сервис тврди дека во текот на неговата служба во Македонија, Филипов го регрутирал или се здружил со Горан Живаљевиќ, српски разузнавач. Обајцата ја организирале посетата на Москва на претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ.

Обајцата исто така, според Белингкет, биле вклучени во организацијата на нападот на Собранието во 2017 година.

Двоецот составен од рускиот и од српскиот разузнавач воспоставиле врска и со „новинарот“ и критичар на Заев, Мирослав Лазански, „аналитичар“ на рускиот државен медиум Спутњик и моментално амбасадор на Србија во Москва.

Македонското контраразузнавање исто така го споменува Лазански како еден од најголемите про-московски пропагандисти во земјата, пишува Цалов во анализата.

Руското присуство во медиумите во Северна Македонија

„Северна Македонија не е само увозник на руска пропаганда, туку и извозник. Има примери на македонски новинари што учествувале во хибридните кампањи на Кремљ во други земји. Македонските „фарми на тролови“ многу се користат за распростанување дезинформации во други земји, вклучително и при изборите во САД во 2016 година, кога преку 100 веб-сајтови беа идентификувани како распространувачи на пропаганда за граѓаните на САД, според Си-Ен-Ен“, пишува во анализата на Белингкет.

Понатаму во текстот се додава дека еден од очигледните примери на влијанието е Крум Велков, слободен новинар од Струмица кој во 2016 година напишал текст за наводниот скандал „PizzaGate“ (ПицаГејт), во кој се тврди дека Хилари Клинтон организирала мрежа за секс со малолетници во една пицерија.

„Апсурдноста на оваа сторија не спречи таа да биде многу пренесувана. Според зборовите на Велков, овој текст бил преведен на многу јазици и пренесен на многу „алтернативни“ веб-сајтови. Текстот првично е објавен на вебсајтот „Katehon“, самопрогласен тинк-тенк воден од група руски империјалисти што поддржуваат и многу други хибридни кампањи: рускиот олигарх Константин Малофеев, економскиот советник на Путин, Сергеј Глазиев, и поранешниот претседател на Стратегискиот институт на Кремљ, генералот Решетников“, пишува во текстот.

Одлично е документирана улогата на Малофеев во поттикнувањето на војната во Источна Украина, а исто и неговата и вмешаноста на Решетников во хибридните про-кремљовски активности на Балканот. Во 2016 година, според „Њујорк Тајмс“, ЦИА исто така излезе со заклучок дека „Катехон е дел од напорите за руско вмешување“, пишува Белингкет.

Во анализата се посочува дека руската пропаганда е многу присутна во земјава, наведувајќи дека присуството на Велков на социјалните мрежи е полно со антизападна и анти-НАТО пропаганда и со теории за заговори за Новиот светски поредок, а тој неодамна тврдел и дека пандемијата на ковид-19 е геополитичка измама.

„Еден од текстовите објавени од Велков на „Geopolitica“ (Геополитика) филијалата на „Катехон“ во март 2017 година, носи наслов „The Final Battle for Macedonia“ (Конечната битка за Македонија“ и тврди дека земјата „е нападната фронтално (засега политички и со средства на хибридно војување и специјални психолошки операции) од умирачките демони на англо-американската „длабока мочуришна држава“ коишто сега со секој изминат ден ја губат контролата над светот“, пишува Белингкет.

Но, се додава дека Велков не пишува само за геополитика и се насетува дека ги промовира руските економски интереси. Велков и неговиот следбеник Ангел Наков водат кампањи против западни комерцијални проекти, како она на канадската „Reservoir Minerals“ на планината Кожуф и проектот Казандол, којшто е од украинско-британскиот „Сардич“.

„Тој е и голем поддржувач на едно од здруженијата кое води кампања против концесиите за „Иловица – Штука“, кое го носи името „Здрава котлина“. Еден од договорите за концесија беше поништен од владата на Заев во 2019, делумно и поради притисокот на овие активисти“, пишува Белингкет.

„Поддржувачите на договорот тврдеа дека дезинформациите и анти-западната пропаганда се многу важен фактор за промената на состојбите. Некои од тврдењата може да се припишат на искрени екологистички стравувања, но сепак има и очигледни примери на пропаганда и јасни лаги. Како што е апокалиптичкото тврдење дека проектот ќе ги уништи почвата, водата и воздухот, без оглед на еколошките стандарди што се обврзувачки за овој проект“, пишува Цалов во текстот објавен на Белингкет.

Понатаму се додава дека еден друг двоец на апологети на Кремљ исто така јасно ја доловува сликата за луѓето на коишто се потпира Кремљ – пропагандистите на поранешните авторитаристички водачи.

„Едни од најистакнатите бранители на Никола Груевски, поранешниот авторитаристички водач, коишто се претворија во хистерични проруски теоретичари за заговори по неговиот пад, Мирка Велиновска и Миленко Неделковски порано имаа голема присутност во телевизиските и печатените медиуми во Северна Македонија, се исто така соработници на „Катахон“ на Малофеев, а Велиновска е добитник на руски медал за нејзиниот придонес за ‘образованието на младите’“, пишува Белингкет, велејќи дека двајцата продолжуваат со ширење дезинфорамции, вклучително и такви за корона вирусот.

„Во една неодамнешна статија, Велиновска ги опиша мерките среде пандемијата како „корона фашизам“ што би се споредил со концентрациските логори на нацистичкиот режим. Имплицирајќи дека целата ситуација со вирусот е дел од заговор на Бил Гејтс, ЕУ, НАТО и некои други фактори за да се вклучи Македонија во војна меѓу Европа и Азија. Велиновска и понатаму се смета за влијателен глас, поврзан со поранешниот водач Никола Груевски, а со тоа, и со една од најголемите партии – ВМРО-ДПМНЕ. Таа и Неделковски се исто така жестоки пропагатори на македонските културни војни со соседите Бугарија и Грција, коишто се сметаат за една од главните пречки за Западните интерграции на земјата“, тврди Цалов.

Во заклучокот на неговата обемна анализа објавена од „Белингкет“ во соработка со journalismfund.eu се вели дека Русија не може да ја спречи Западната интеграција на Западен Балкан и е прашање дали всушност таа нуди вистинска алтернатива на ваквата интеграција.

„Но, Москва ја користи својата моќ и да го забави напредокот на овие земји, да посее несогласувањата, да ги одржи своите економски и политички врски и како конечен резултат да го засили своето геостратегиско значење“, завршува Цалов.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Колкави се размерите на израелско-либанскиот конфликт

Колкави се размерите на израелско-либанскиот конфликт

Израел врши воздушни напади и копнена инвазија – колкав е бројот на напади, кои области …