Цената на бензините од ноќеска се намалува за два денара за литар, додека со идентични цени остануваат другите нафтени деривати, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
На бензинските пумпи од ноќеска Еуросупер БС-95 ќе се продава по цена од 87,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе може да се набави за 90 денари за литар. Цената на дизелот и понатаму останува 101,50 денари за литар, додека екстра-лесното масло за домаќинство чини 97,50 денари за литар. Мазутот ќе се продава по стара цена од 53,955 денари за килограм.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,852 отсто, кај дизелот за 0,416 отсто, кај екстра лесното масло за 0,105 отсто и кај мазутот има намалување за 0,587 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,092 отсто.