Берете ум, луѓе!

Берете ум, луѓе!

Пишува: Сотир Габелоски

Внатрешните проблеми ги засенуваат сите, колку и да се на број, позитивни нешта во државата. Работи кон кои државата мора да пристапи сериозно, оти во време на протести на здравствени работници, обвинувања за непотизам и инвестирање во партизација, покачувањето на минималната плата не доаѓа до израз.

Деновиве се случија толку многу работи, што се чини дека на скандалите им се скратил рокот. По интервјуто на јутјуберот Лазаров со Латас, следеше протест на здравствените работници. Објавите за видеото на јутјуб се минато, а протестот на лекарите е „покриен“ од друга информација за непотизам. После тоа следи обвинување за средства за вработување кои, наводно, ги бара и троши Министерството за политички систем, за на крај да биде објавена статистика дека платата од 20.000 денари во 2017, во декември 2022 стигнала до 34.000 денари.

Толку многу настани, толку многу информации, а малку време сите да бидат забележани. Додека, истовремено, заради слабата комуникација, институциите си прават дополнителен проблем.

Во сите тие негативности, тешко е да се забележи позитивното. И овие околности мора да бидат земени предвид, да станат приоритет на Владата. Бидејќи додека се покачува платата и се помага бизнис секторот, целиот позитивен наратив се нарушува од погоре наведените настани. Редно време е одредени сектори да почнат посериозно да се сфаќаат, но и институциите да ја подобрат својата транспарентност за да се заштитат и себе си, и јавниот интерес.

Кога станува збор за комуникацијата, ако Владата е транспарентна и отворена, тоа не можеме да го кажеме за поголемиот број институции чиј целосен молк е поразителен. Бидејќи јавните институции имаат одговорност пред граѓаните да го заштитат јавниот интерес, но исто така да се заштитат и себе си од непотребни критики.

Недозволиво е да се молчи за случувањата во Фондот за здравствено осигурување. Мора да се комуницира, затоа што видовме дека и за самата институција молкот испадна поразителен, иако приказната има поголема длабочина од првичниот впечаток. Овие околности и ситуации доведуваат и до намалување на довербата на граѓаните во институциите, и тоа во период кога напорите на Владата се насочени кон јакнење и пораст на довербата.

Брза реакција мора да има, работите мора да се средуваат или барем да биде видливо дека институциите работат на надминување на проблемите. Вака, се создава впечаток дека не се обрнува многу внимание на суштинските области кои се од важност за граѓаните и државата и дека сите позитивни работи доаѓаат спонтано, а не како резултат на работа.

Граѓаните мора да ја знаат целата приказна, од почеток до крај. Во спротивност, ако за неа не бидат информирани, тогаш самите ќе креираат своја приказна, своја вистина, стеснувајќи им го просторот институциите да ја прикажат вистинската слика.

Процесите кои се случуваат во државата се исклучително важни и одговорни и за голем дел од нив, собено оние во сферата на надворешната политика, Владата од секаде, особено од Брисел и Вашингтон, добива високи оценки.

Но, неопходно е да се изнајде соодветна форма, вистинските информации за сето тоа да допрат до граѓаните.

Затоа, берете ум, луѓе, оти позитивните работи поминуваат неприметени и засенети од негативните!

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …