Арапскиот план покажува „реален пат за обнова“ на Појасот Газа, се вели во заедничката изјава објавена од германското Министерство за надворешни работи во саботата. Доколку се спроведе, планот ветува и „брзо и трајно подобрување на катастрофалните услови за живот на Палестинците кои живеат во Појасот Газа“.
Напорите за обнова мора да се одвиваат во „здрава политичка и безбедносна рамка“ која е прифатлива и за Израелците и за Палестинците и која обезбедува долгорочен мир и безбедност за Израелците и Палестинците. Хамас не треба ниту да владее во Појасот Газа ниту да претставува закана за Израел, се вели во соопштението.
Исламистичкиот Хамас и негови сојузнички групи брутално го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи повеќе од 1.000 луѓе и земајќи околу 250 како заложници. Израел одговори со масовна воена операција против Хамас, а Појасот Газа сега е во голема мера уништен.
Ифтар среде урнатини во Газа
Според соопштението, министрите за надворешни работи на четирите европски земји ја поддржуваат „централната улога“ на палестинската управа и спроведувањето на нејзината реформска агенда. Тие ги повикуваат сите страни да ги искористат придобивките од планот на арапските земји како почетна точка.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси во вторникот на самитот на Арапската лига го претстави планот за реконструкција на Појасот Газа. Тој предвидува првично крајбрежниот појас да биде управуван од палестински комитет од експерти, а во исто време да се овозможи враќање на палестинската управа во областа, која потоа треба да ја преземе политичката контрола. Арапската лига го одобри планот, а германската влада го поздрави во петокот. Израел и САД пак го отфрлија планот.
Во саботата, Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) го усвои планот. 57-члената организација ја повика меѓународната заедница брзо да ја обезбеди потребната поддршка за планот.
Египетскиот план беше реакција на планот на американскиот претседател Доналд Трамп да го стави Појасот Газа под контрола на САД и да го обнови. Според идеите на Трамп, Палестинците кои живеат таму треба да ја напуштат областа и да бидат преселени главно во Египет и Јордан.