Берлин: „Русија планирала да го нападне Лајпциг со дрон“

Берлин: „Русија планирала да го нападне Лајпциг со дрон“

Сега е и официјално и е исклучително чувствително прашање: германската влада официјално ја смета руската влада за одговорна за обидот за напад со дрон на аеродромот во Лајпциг на 4 август.

Во Берлин, во вторникот (1.09), пред камерите излегоа сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добринт и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул. Добринт изјави дека истрагите на разузнавачките служби и полицијата покажале дека нападот во Лајпциг се вклопува во моделот на хибридно руско војување.

Меѓу другото, биле пронајдени експлозив и техника за активирање што се познати од други руски операции: „Овие сознанија упатуваат на лица кои дејствувале по налог на руски државни институции.“

Сите сознанија заедно ја потврдиле сликата дека обидот за напад со дрон од почетокот на август оди на конто на руската држава.

Добринт додаде дека и во иднина треба да се очекуваат вакви напади од Москва: „Не сме во војна. Но ние секојдневно сме цел на хибридно војување.“

Германија, Шкојдиц 2026 | Експлозив пронајдени во дрон на аеродромот Лајпциг/Хале
По откривањето на дрон на средината од пистата: Специјалист на Сојузната полиција деактивира детонатор на аеродромот во Лајпциг на 5 август оваа година

Мерц не сака дополнителна ескалација

Сојузниот канцелар Фридрих Мерц не присуствуваше на кратката владина прес-конференција, иако тоа првично се очекуваше. Сигурно и за да не се влошат дополнително и онака крајно затегнатите односи со рускиот претседател Владимир Путин.

Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, меѓу две патувања – во Алжир и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Ирска – специјално се врати во Берлин. Со тоа сакаше да покаже колку сериозно целата влада го сфаќа овој случај.

На Вадефул му припадна задачата да ги претстави германските мерки како одговор на неуспешниот напад со дрон, а тие беа поодлучни отколку што се очекуваше:

„Рускиот генерален конзулат во Бон ќе биде затворен на 18 септември.“

„Договорот за Рускиот дом во Берлин ќе биде раскинат. Во Европската Унија за санкционирање ќе предложиме нови листи со лица од Русија поврзани со хибридни напади. Ќе ги заостриме и граничните контроли за руските државјани“, најави министерот.

Аеродромот во Лајпциг

Германската влада најави и поодлучна акција против руската „флота во сенка“ во Балтичкото Море, преку која пред сè се транспортира нафта низ светот, заобиколувајќи ги западните санкции.

Шведска Трелеборг 2026 | Крајбрежната стража на пат кон танкер од флотата во сенка
Борба против руската флота во сенка во Балтичкото Море – на фотографијата шведската крајбрежна стража кај Трелеборг

Вадефул соопшти и дека рускиот амбасадор бил повикан во Министерството за надворешни работи за да биде информиран за овие одлуки.

Дронот натоварен со експлозив бил откриен вечерта на 4 август, повеќе или помалку случајно, среде безбедносната зона на аеродромот, непосредно покрај украински товарни авиони.

Аеродромот во Лајпциг е важен логистички центар за снабдување на украинските вооружени сили во руската војна против Украина. Сојузното обвинителство, кое брзо ја презеде истрагата, зборуваше за „сериозен напад врз транспортната и логистичката инфраструктура во Германија“.

„Обидот за атентат е сериозна дрскост“

Бројни политичари, безбедносни и воени експерти набрзо ја посочија Русија како можен нарачател на нападот. Ко-претседателката на Зелените, Франциска Брантнер, изјави:

„Голема дрскост е ако зад обидот за напад на аеродромот во Лајпциг навистина стои руската тајна служба, но тоа никого не изненадува.“

Германската влада првично беше воздржана со директни обвинувања кон Москва. Минатата недела Мерц неколкупати изјави дека истрагата е при крај.

Во следните денови ќе стане јасно како Русија ќе реагира на мерките на германската влада. „Рускиот дом“, кој потекнува од времето на поделена Германија, се наоѓа во срцето на Берлин. Отворен е во 1984 година, кога постоеше Источна Германија, а Берлин беше поделен.

Оваа институција одамна е под сомнеж дека можеби служи како место за разузнавачки активности на Москва. Се очекува Русија да одговори со затворање на московскиот „Гете институт“.

Германија, Берлин 2026 | Рускиот дом на Фридрихштрасе
„Рускиот дом“ во Берлин постои од 1984 година, односно уште од времето на ГДР. Германската влада сега има намера да го раскине договорот

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за Германската новинска агенција (ДПА) во Москва изјави дека Русија ќе одговори „реципрочно“ на германските казнени мерки. Одговорот ќе биде сличен на реакциите за претходните еднострани и неправедни санкции, изјави Захарова.

Кремљ ја обвинува германската влада за предизборен маневар

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини владата на канцеларот Фридрих Мерц за внатрешнополитички мотивиран потег во време на изборна кампања.

„Каде се доказите?“, праша Путин на прес-конференција во Бишкек, главниот град на Киргистан. „Мерц ја изгуби довербата на граѓаните затоа што не ги штити националните интереси на Германија“, тврдеше Путин.

Рускиот амбасадор во Берлин, кој претходно беше повикан во германското Министерство за надворешни работи, ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и зборуваше за „набрзина склопена провокација на аеродромот во Лајпциг“. Според него, мерките што ги најави германската страна претставуваат „невидена ескалација во руско-германските односи и нема да останат без последици“. За тоа, рече тој, единствено е одговорна германската влада.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Лукароска: Нула реализирани проекти и китење со туѓи перја – Проданоски го продолжува 5-годишното назадување на Прилеп

Лукароска: Нула реализирани проекти и китење со туѓи перја – Проданоски го продолжува 5-годишното назадување на Прилеп

Прес-конференција на претседателката на ОО СДСМ-Прилеп, Петра Лукароска Китење со туѓи перја, неспособност да се …