Битиќи пред студентите на Економскиот факултет: Потребни ви се иновативни вештини за да ја зголемите вработеноста во услови на дигитализација на економијата

Битиќи пред студентите на Економскиот факултет: Потребни ви се иновативни вештини за да ја зголемите вработеноста во услови на дигитализација на економијата

„Како што модерната економија поминува низ транзиција кон поголем акцент на еколошките и дигиталните иновации, младите ќе треба да развијат нови вештини за да напредуваат во овој променлив пејзаж. Вештини кои можат да бидат особено вредни во контекст на новите развојни траектории кои се поставуваат пред националните економии во 21 век“, порача заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи пред студентите на Економскиот факултет – Скопје, каде по покана на деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа предавање на тема „Како до поголема вработливост во услови на дигитализација на економијата“.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека развивањето на вештини на дигитална писменост, изразена свесност за животната средина, нагласена креативност и иновативност, флексибилност и приспособливост, комуникација и соработка, претприемачки начин на размислување и финансиска писменост, добиваат сè поголемо значење за зголемувањето на вработливоста на младите и нивниот пристап до пазарот на труд во третата декада на 21-от век.

„Економските ресурси за развојот на државата ја губат својата материјална основа, дигитализацијата како стожерен процес на Четвртата индустриска револуција побарува да се вкалкулираат сосем нови фактори за успешно креирање и имплементирање на национални развојни политики кои ќе бидат насочени кон создавање на реални шанси за успех и добро платени места за младите. Значењето на дигитализацијата прогресивно се зголемува од земјоделие кон индустрија, од индустрија кон услуги“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој во своето обраќање оцени дека зголемената дигитализација ја зголемува продуктивноста на трудот и аутпутот, што исто така води кон зголемена потрошувачка поради повисоките реални приходи, пришто надополни дека и зелената транзиција на економијата исто така позитивно влијае на вработливоста на младите.

„Транзицијата кон зелена економија може да помогне во креирањето на пристојни работни места, додека воедно се придонесува за еколошка одржливост на економскиот систем. Младите кои имаат современо образование, развиени вештини и таленти, се во добра позиција, со нивната креативност, па и генијалност, да имаат бенефит од транзицијата кон зелена економија“, рече вицепремиерот Битиќи.

Свое обраќање пред студентите имаше и претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска, која ја истакна потребата образованието да биде прилагодено на потребите на стопанството.

„Потребна е брза адаптација на понудата и побарувачката на работна сила, образовните програми треба да се развиваат согласно потребите на економијата во нашата држава“, истакна претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска.

Трајковска пред студентите рече дека преку поголема пракса во компаниите младите може да го надградат знаењето и со тоа да ја зголемат својата вработливост на пазарот на труд.

Деканот, проф. д-р Предраг Трпески истакна дека дигитализацијата е таа која ја поставува насоката на развојот на економијата, пришто пазарот на труд претрпува суштински промени и процеси.

„Со поголемото воведување на процеси кои се потпираат на вештачката интелигенција, голем број на професии ќе бидат под закана да исчезнат, да ги снема од пазарот на труд. Ова е реалност и за нашата држава, затоа треба да дадеме одговор на овие предизвици“, рече проф. д-р Трпески.

Прочитајте повеќе

Платата на премиерот е 140.450 денари, а на министрите по 115.540 денари

Платата на премиерот е 140.450 денари, а на министрите по 115.540 денари

Владата јавно ги објави платите на претседателот на Владата, како и на министрите. Според објавените податоци, највисока …