Прес-конферениција на Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ
Почитувани почитувани граѓани и граѓанки,
Денес имаме причина да се гордееме! Законот за нефер трговски практики, кој беше подготвен од СДСМ и донесен на 13 март 2024 година, стапува на сила. Овој закон не е празна декларација, тој е конкретна мерка која ќе го заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите. За првпат, создадовме системско решение со кое ќе ставиме крај на манипулациите со цените. Од денес ќе важат јасни правила и се става ред во односите меѓу трговците и добавувачите со прехранбени производи.
Законот нема да ги наруши добавувачките ланци и нема да предизвика хаос на пазарот. Дадовме системски одговор на сите манипулации со кои беа оптоварувани граѓаните, а со тоа и нивниот животен стандард.
Со овој закон се регулираат 26 нефер трговски практики, со кои над 2.500 земјоделски и прехранбени производи ќе имаат ограничени маржи од 10%. Тоа значи дека нема да има просторот за неосновано покачување на цените и создавање на дополнителни трошоци кои директно ги погодуваат семејните буџети.
Граѓаните конечно ќе почувствуваат системска заштита од покачување на цените. Придобивките се јасни: поквалитетни и поевтини производи на пазарот, транспарентни деловни практики и крај на ситуацијата во која потрошувачите се принудени да плаќаат повисоки цени поради нечесни договори и шпекулации. Овој закон кој го подготви СДСМ е на страната на граѓаните!
Денес, сакам да упатам јасен повик до сите трговци и добавувачи: почитувајте го Законот за нефер трговски практики! Почитувајте ги правилата и водете се од принципите на чесност и транспарентност. Овој закон е за доброто на сите нас – и трговци, и производители, и граѓани. Ги повикувам и надлежните институции да преземат проактивна улога и да го спроведуваат овој закон со максимална контрола и посветеност. Само на тој начин ќе го постигнеме она што го посакуваме – стабилни цени и заштита на економската сигурност на секое секој еден граѓанин.
Наспроти ваквиот системски пристап, актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да донесува привремени и половични мерки кои не даваат резултати. Ограничувањето на маржите за 73 производи, кое го наметнаа, не ги намали цените и не донесе олеснување за граѓаните. Тоа е доказ дека тие немаат вистински план за справување со економските предизвици. За разлика од нив, ние со овој Закон создаваме годишен потрошувачки кош, кој ги опфаќа сите основни производи, наместо сезонски „кошнички“ кои не можат да го решат проблемот на неоправданиот раст на цените.
СДСМ со овој закон понуди вистинско и трајно решение за стабилни цени и заштита на животниот стандард. Ова е само уште еден пример на како политиките на СДСМ се насочени кон вистинските интереси на граѓаните, за разлика од власта која импровизира и создава простор за нови ценовни шокови во секоја следна сезона.