Прес-конференција на Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ
Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои СДСМ предложи намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи.
Со предложените измени и дополнувања на Законот за ДДВ предвидовме одржливи решенија. Намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема.
Истото важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше директно поевтинување на храната – односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите останати основни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните.
Но, наместо поддршка за граѓаните, гледаме политички калкулации. Имаме отфрлање на предлози коишто може да направат позитивна разлика во секојдневниот живот.
Се ветуваа повисоки плати, но граѓаните денес купуваат помалку со истите приходи. Се ветуваше енергетска независност, а ние увезуваме повеќе струја. Се ветуваше подобар живот, а денес едно семејство треба да издвои 2,9 минимални плати за да ја покрие потрошувачката кошница од 63.773 денари.
Денешното гласање во Собранието покажа дека владејачкото мнозинство нема политички сензибилитет за социјална правда и економска рационалност, не ги интересира дали граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, дали храната ќе продолжи да поскапува, дали семејните буџети ќе продолжат да се празнат.
Но, ние нема да кренеме раце, остануваме на страна на граѓаните. СДСМ ќе продолжи да политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговски практики, за поевтин „зелен картон“ и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.